ММС

Објавено на: 09/6/21 7:00 PM

Не е до парите, туку до желбата е – За Емилија Ѓореска шетањето е како втор факултет, ја учи ќеркичката Ева на важни животни лекции

Шетањето е втор факултет и преку него може да се научат многу работи – вели скопјанката, Емилија Ѓореска која секој слободен момент го користи за прошетки со сопругот и со ќерката Ева. Токму поради нејзиниот авантуристички дух решивме да ја контактираме и на читателите на ММС преку досегашното искуство на Емилија да им доловиме како шетањето влијае врз градењето на личноста, какви придобивки може да се извлечат од тоа, со какви природни убавини изобилува Македонија и дали се потребни многу пари за да се отпатува некаде.

Емилија вели дека уште откако знае за себе, таа шета, бидејќи во таков дух ја воспитувале од дома.

„Шетањето ми е најголемо задоволство откако паметам за себе, секое слободно време сум го користела за шетање и патување. И пред да се омажам постојано сум шетала, па така беше и додека студирав. Потоа дојде пресврт во мојот живот, се омажив, родив ќерка. Ева имаше околу 7 месеци, кога за првпат со неа отидовме за Грција. Зборувам за подалечно патување, а претходно сме шетале низ Македонија. Она всушност сака да ужива во патувањето. И како што Ева растеше, веројатно како што гледаше дека толку многу уживам во патувањето и шетањето, тоа сум и’ го пренела и на неа. Никогаш не сме имале проблеми со патување, како што некои родители имаат за жал. Сум била почестена, сум имала среќа и моето дете да сака да шета“, додава Емилија.

Ја прашавме што мисли околу ставот на многумина психолози дека прошетките добро влијаае не само врз физичкото, туку и врз менталното здравје, на што таа одговара дека секогаш кога одат некаде со семејството се рефрешираат.

„Се враќаме како нови, особено сега со короната. Јас сум со хронични болести па не се осмелувам да одам во кафани или да бидам дел од собири. Го користиме времето за планина и за да се изолираме. Стресот што го доживувам со короната го балансирам со прошетката со Ева и сопругот. Дојдов до степен да не сакам да сум со повеќе луѓе, јас уживам да сум со нив – со семејството и природата“, додава Емилија.

Ја прашавме и како одбираат која дестинација ќе биде следна за посета. Таа е искрена дека најмногу ја влече да шета надвор од земјава, но сепак со пандемијата немајќи друг избор, почнала да ја истражува и Македонија. Тоа всушност и’ донело нови видици за својата земја.

„Тогаш сфатив дека нашата држава изобилува со прекрасни дестинации и неоткриени места со поглед кој не знам дали го има во други држави. Толку е посебна и убава“, искрена е Емилија.

Меѓу местата кои најмногу и’ оставиле впечаток е Пешти кај Велес, што всушност е и една од последните дестинации каде што биле.

„Тоа е преубаво место кое не можам да опишам колку убаво изгледа.  Таму е реката Бабуна, исто е прекрасно и како што се движи реката има место како плажичка со прекрасен видик на карпи. А за да стигнеме до Пешти требаше да ја поминеме реката, да одиме преку вода и беше многу, многу убаво“, споделува нашата соговорничка.

Нејзината сестра исто така е авантуристка, па токму таа и’ дава препораки на Емилија за тоа на кои места да се упатат. Сепак, таа потенцира дека на нејзиниот сопруг планинарењето му е хоби, така што и тој често дава идеи каде да го поминат слободното време. Со оглед дека Македонија не е голема држава, таа вели дека најчесто шетаат на по еден ден и потоа си се враќаат дома. Токму домот е и местото каде што се приготвува храната која ја јадат за време на кратките патувања, па оттука според Емилија, не се потребни многу пари за да ги истражувате природните убавини.

-Воопшто не се потребни многу пари, јас не можам да ги разберам луѓето кога трошат пари за кафеани, а да не ги користат за вистинско богатство кое го исполнува животот. Ние секогаш, особено со короната, одиме со приготвено јадење од дома. Секогаш одиме така. Ние не сме седнале во кафана или да купиме јадење од ресторани, одиме со јадење од дома и кафе од дома. Јас уживам во кафето и јадењето во природа. Парите што ќе ги дадам за кафе или за седење во кафеана ќе ги вложам во патување, ќе платам на пример, гориво. Зависи што човекот го прави среќен“, додава Емилија.

Таа вели дека прошетките и помогнале да се изгради како личност и да размислува „пошироко“. За жал сепак, низ тие прошетки таа сведочи за ниската свест на некои луѓе во однос на зачувувањето на животната средина.

„Дестинациите кои се попознати како туристички места овде се многу валкани, многу се со отпадоци, со пластика, со шишиња, со отпушоци. Луѓето се собираат, јадат скара, а отпадокот го оставаат. Се нервирам за тоа. Со шетањето јас Ева ја учам дека не треба да го фрла отпадокот, да го собере во ќеса бидејќи нема насекаде корпи. Ја учам дека треба да го земе и да го фрли дома или во контејнер ако има. Свеста на таа тема ни е на ниско ниво. А на дестинациите кои не се толку познати нема толку“, додава таа.

 

Авантуристичкиот дух ја однел Емилија дури до Америка, па вели дека Њујорк е едно од најфасцинантните места кои ги има посетено, но како таква ја издвојува и Сицилија. За да може тоа да си го дозволи, нагласува таа, треба добра организација на буџетот.

-Пред да се омажам сум била во многу европски земји и во Америка и навистина не ми требале многу пари. Сум го планирала тоа, сум планирала секој месец да оставам пари за шетање исклучиво. Не ги трошам парите за невредни работи – раскажува таа.

Сега кога е мајка не може да си дозволи да оди на толку далечни дестанции, а дополнително на тоа влијаеле и карантините и затворените граници во последната година ипол. Таа и сопругот решиле ова лето освен низ земјава, да прошетаат и низ Србија, Албанија и Грција како земји до кои може да отидат со автомобил.

„Избравме места каде што ќе може со автомобил да одиме, а не со авион. Во Грција не се осмеливме да одиме ни на крстарење со брод, ни беше ризично со короната. Подалеку не сме размислувале да одиме. Овие патувања не беа како пред короната, со пазење и дистанцирање. Се надевам дека тоа ќе се промени“, додава Емилија.

На крајот од разговорот, таа им порачува на луѓето да уживаат во природата што е можно повеќе бидејќи според неа, спокојот кој го има таму не може да се спореди со метежот во градовите.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1