ММС

Објавено на: 08/27/21 12:28 PM

Лестер на мегдан кај Наполи, Динамо Загреб со англиски Вест Хем: Исклучително силни осум групи во Европа Лига

Ждребот во второто по квалитет европско клупско натпреврување, „не остана покусо“ во однос на возбудливоста и изедначеноста со вчерашното извлекување на групите во Лигата на шампионите.

Во осумте групи кои беа извлечени денес напладне во Истанбул, 32 екипи од „стариот континент“ ги запознаа своите противници во нокаут-фазата од Европа Лига.

Некои дуели достојни и за Лигата на шампионите, некои поранешни европски прваци и некои старо-нови тимови кои со години го красат ова натпреварување.

Во групата А, Олимпик Лион за прогрес во понатамошната фаза ќе треба да ги вкрсти копјата со шкотскиот шампион Глазгов Ренџерс, Спарта Прага и дански Брондби. Групата Б е резервирана за уште еден француски претставник, Монако. Покрај Монако, во едно од посилните друштва, екипата предводена од Нико Ковач ќе се соочи и со ПСВ Ајндховен, Реал Сосиедад и Штурм Грац.

Освојувачот на ФА Купот од ланската сезона, Лестер, во групата Ц ќе се сретне со Наполи на македонскиот репрезентативец, Елиф Елмас. За борба во 1/8 финалето, Легиа Варшава и Спартак Москва ќе се обидат да им парираат на далеку пофаворизираните опоненти од Премиер Лига и Сериа А.

Грчки Олимпијакос се соочува со Ајнтрахт Франкфурт, Фенербахче и Антверп, во групата Д, додека пак Лацио со новиот тренер Маурисио Сари, преку Локомотив Москва, Галатасарај и Олимпик Марсеј, ќе бара шанса за европски трофеј.

Српскиот шамион Црвена Ѕвезда, се чини дека го извлече полесниот крај oд ждребот во Истанбул, откако за опоненти во групата Ф ги доби Брага, Лудогорец и дански Митиланд.

Финалистот во Лигата на шампионите од 2002 година, Баер Леверкузен, се најде во друштво на Селтик, Бетис и Ференцварош, а хрватскиот претставник Динамо Загреб, ќе се судри во групата Х со Генк, Рапид Виена и изненадувањето од минатата кампања во Англија, Вест Хем.

Натпреварите од воведното коло од Европа Лига, место ќе заземат од 16-ти септември годинава. Последното шесто коло завршува на деветти декември.

[д.ј]

Фото:

Twitter /@433

Twitter


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1