ММС

Објавено на: 08/27/21 9:55 AM

Осигурителните компании исплатиле 31,5 милиони евра штета за првите шест месеци од 2021 година

Компаниите за неживотно осигурување во првото полугодие годинава исплатиле 5,2 милиони евра повеќе штети на осигуреници во однос на истиот период лани. Раст на исплатите има кај трите големи групи класи: осигурување имот, осигурување моторни возила и останатите класи од неживотно осигурување, покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

Како што информираат од АСО, граѓани, компании и институции наплатија 1,94 милијарди денари (31,5 милиони евра) обесштетување за штети покриени со осигурителни полиси за неживотно осигурување во првите шест месеци годинава. Во споредба со истиот период минатата година износот на бруто исплатени штети (БИШ) кои осигурителите ги платиле на осигуреници е повисок за 319,5 милиони денари (5,2 милиони евра односно) односно 20 отсто.

Значаен раст на исплатените штети, додаваат, има кај осигурувањето имот.

-Во првите шест месеци годинава 11 осигурителни друштва за неживотно осигурување на своите осигуреници за штети на осигурен имот им исплатиле 292 милиони денари (4,75 милиони евра) што е за 18,5 отсто повеќе од истиот период минатата година. Кај осигурувањето од автомобилска одговорност (најзастапено осигурување задолжително со закон) износот на исплатени штети изнесува 1,04 милијарди денари (17 милиони евра). Во споредба со истиот период лани износот на исплатени штети е зголемен за 21 отсто односно 182 милиони денари (3 милиони евра), посочуваат од АСО.

Кај класата на доброволно автомобилско осигурување т.е. каско осигурување, додаваат, за овој период компаниите исплатиле штети во вредност од 224 милиони денари (3,6 милиони евра).

-Осигурителните друштва за останатите класи осигурување на своите осигуреници по пријавени штети им исплатиле 374 милиони денари (6,1 милиони евра) во првата половина годинава. Тоа е за 104,5 милиони денари (1,7 милиони евра) односно 38 отсто повеќе во споредба со истиот период минатата година, потенцираат од АСО.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1