ММС

Објавено на: 08/27/21 7:36 AM

Портрет на добитничката на наградата „Браќа Миладиновци” за 2020 година на Струшките вечери на поезијата

Со читање на Константиновата „Т`га за југ” и палење на фестивалскиот оган, на летната тераса во хотел „Дрим” синоќа во Струга почна 60. јубилејно издание на Меѓународниот поетски фестивал „Струшки вечери на поезијата”.

Манифестацијата ја отвори министерката за култура Ирена Стефоска, со несекојдневно обраќање со акростихот „Т`га за југ” и поими карактеристични за Струга. Обраќањето, како што рече, им го посвети на поетите, посакувајќи им уште многу стихови и успешни години на Струшките вечери на поезијата. На манифесацијата на која низ годините присуствувале Блаже Конески, Десанка Максимовиќ, Вознесенски, Оден, Диздар, Гинсберг, Гилвик, Падрон, Хјуз, и многу други, како што рече, останаа нивните зборови и празни страници за уште поети.

Поради пандемијата со Ковид – 19, добитничката на Златниот венец, британската поетеса Керол Ен Дафи, не присуствува на Фестивалот, но имаше свое видео обраќање и читање поезија на отворањето. Таа изрази задоволство, што со признанието им се придружува на врвни поетски имиња, од кои читала поезија.

– Во овие сурови и мрачни времиња на светот, тргоната сум што пред мојот праг го наоѓам сјајот на Златниот венец. Тоа што им се придружувам на поети, кои толку многу ми значеле во текот на целиот мој живот, како читателка и писателка е извонреден подарок за кој што сум многу благодарна, Оваа прекрасна награда од Струга ми го врати духот и радосна сум што сум добредојдена во оваа голема Македонска традиција на вредноување на поезијата, рече Ен Дафи.

Осврнувајќи се на своите почетоци и љубовта кон поезијата, кои, како што посочи, биле наметнати од нејзината мајка, која постојано и читала поезија и детски песнички истакна дека на поезијата гледа на многу различни начини.

– На поезијата гледам на многу различни начини, некои од нив се противречни, а еден од нив е како штафета што се пренесува низ времето од поет до поет. Друг како бескрајна таписерија со поети кои во своето време го земаат своето пенкало и придонесуваат кон таа таписерија во времето и просторот некаде и некогаш, додаде Ен Дафи.

На јубилејното издание, свое обраќање имаше и Јован Стрезоски, еден од членовите на првиот основачки одбор и долгогодишен директор на Фестивалот. Истакнувајќи поважни моменти од почетоците на манифестацијата нагласи дека идејата за фестивалот произлегла со поетското читање во 1961 година, во чест на 100 години од издавањето на Зборникот на струшките браќа Димитар и Константин Миладинови.

– Името на Фестивалот го даде Гане Тодоровски и од 1962 започна СВП, кој секоја наредна година се ширеше со учество на поети од републиките од тогашна Југославија, а 1965 СВП прераснаа во меѓународна манифестација со учество на поети од неколку земји во светот. Растејќи се секоја година со учесници од сите континенти како и со доделување на меѓународната поетска награда Златен венец, манифестацијата добиваше се позначајно место од кое се ширеше поетскиот збор на сите јазици во светот, потсети Стрезоски, посочувајќи дека нацртот на Златниот венец е на академскиот сликар Димче Протуѓер.

Говорејќи за историјата со издвоени моменти заклучи дека СВП се фестивал кој ги зближува поетите, а поетите ги поздрави со мисла од Блаже Конески, која ја употребувал на крајот до секое писмо „Останете со добра мисла”.

Во рамки на програмата за денеска предвиден е портрет на минатогодишната добитничка на наградата „Браќа Миладиновци” Ива Дамјановски, а поетски читања ќе имаат поетите од потесниот избор за оваа година. Предвидена е средба со издавачи, агенти и професионални посетители во рамките на платформата „ Версополис”, како и поетски портрет со лауреатот Керол Ен Дафи. Дел од програмата се традиционалните „Ноќи без интерпункција”.

Јубилејното фестивалско издание се одржува под посебни протоколи поради пандемијата со Ковид – 19, а учествуваат 30-тина поети од Србија, Грција Албанија, Косово, Црна Гора, Франција, Унгарија, Швајцарија, Хрватска, Австрија, Словенија, Германија, Бугарија, Италија, Монголија, Естонија, Палестина, САД, Индија, Литванија… Дел од нив се присутни во Струга, а дел ќе имаат видео читања.

Манифестацијата се одржува под мотото „Извишени сведоштва, возвишени стихови”, што го потенцира значењето на Паркот на поезијата и симболиката на засадување на дрво од страна на лауретите секоја година, како чин со кој се одбележува растежот на фестивалот. Завршува на 30 август, в недела со меѓународното поетско читање Мостови” и врачување на наградитe, „Браќа Миладиновци” и „Мостови на Струга”, на летната тераса во хотел „Дрим”.

 

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1