ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/26/21 7:33 PM

Царовска: Доказ за понатамошно спроведување на настава со физичко присуство е минатата година кога целосно се почитуваа мерките во училиштата

Министерката за образование и наука Мила Царовска вечерва изјави дека доказ за понатамошно спроведување на настава со физичко присуство е токму минатата учебна година, бидејќи државата минатата година имала можност девет месеци да го следи однесувањето на училиштата според протоколите, како и на родителите, учениците и наставниците.

Таа потсети дека Министерството од јуни започна со подготовка на три сценарија за започнување на учебната година, а одлуката што Владата ја донесе е дека наставата треба да започне со физичко присуство за сите ученици под здравствени протоколи од 1 септември оваа година.

– Од физичко присуство согласно протоколите и одлуката на Владата можат да бидат изземени сите ученици кои имаат хронична болест и оние кои имаат родители или членови на семејството со хронична болест. Исто така, може и од немедицински цели за коишто може училиштето и советот на родители можат да донесат одлука за учениците кои имаат поднесено барање, рече Царовска во емисијата „Жешко политичко лето“ на телевизијата Канал 5.

Таа посочи дека минатата година немаше ниту еден случај на интерна трансмисија, а тоа го потврдија и Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство.

Во однос на хигиената во училиштата, министерката истакна дека училиштата во најголем дел се реконструирани и располагаат со потребни ресурси.

– Секако дека во континуитет треба подобрување на целосната инфраструктура на училиштата, но жал ми е што сме изгубиле 15 години вложување во стиропор наместо во училишта, но ние покажуваме дневно дека интензивно вложуваме во училиштата и тие се нашиот центар на интерес и како влада и како министерство, изјави Царовска.

Согласно протоколите, таа објаснува дека сите ученици можат да влезат во училница, но треба да има отворени прозорци, што беше пракса и минатата година. По сите истражувања, по сите меѓународни извештаи министерката вели дека училиштата треба први да бидат отворени независно што има пандемија.

Според последните податоци, околу 69 проценти од наставниот кадар е вакциниран, а министерката Царовска истакна дека иако задолжителна вакцинација во нашата држава нема, сепак апелот од нивна страна се покажал како успешен.

– Во образовниот систем, вакцинирани се 69 проценти од наставен, ненаставен кадар, технички помошен кадар, што е двапати повеќе од националниот просек. Исто така, имаме општини и училишта каде процентот на вакцинација на наставниците и другиот технички кадар е над 90 отсто. Што укажува дека одговорноста и свесноста кај наставниците е на многу високо ниво и така и треба да продолжи, објаснува Царовска.

Во однос на учебниците, министерката соопшти дека првпат се изработени учебници со Браево писмо, што се испечатени во копии колку што побарале училиштата и се дистрибуираат исто како и регуларните учебници.

Таа појасни дека дигиталните учебници се подготвени, како и апликацијата на која ќе можат да ги преземат учебниците.

– Од петок ќе почнат да се преземаат во училиштата, а потоа и во офлајн верзија до родителите. Веднаш кога ќе ги инсталираат апликациите, од 1 септември учебниците ќе бидат достапни за симнување на дигиталните уреди што ги имаат во сопствениот дом, посочи Царовска.

За оние кои немаат дигитални уреди, министерката најави дека училиштата веќе имаат добиено таблети за социјално ранливи категории, и истите ќе имаат обврска да им ги инсталираат учебниците на тие таблети.

– Дополнително, заради тоа што се утврди минатата година дека сепак во нашата држава имаме семејства кои немаат електрична енергија дома, за нив министерството испечати 20 проценти од учебниците за четврто одделение и истите ќе можат да ги добијат во своите училишта, додава таа.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7