ММС

Објавено на: 08/26/21 1:50 PM

Да се вакцинираат родителите на децата што ќе одат во градинка или училиште, апелира Филипче

Да се вакцинираат родителите на децата што ќе одат во градинка или училиште – апелираше денеска министерот за здравство, Венко Филипче. Според него, на овој начин ќе се заштитат семејствата на децата. Тој рече дека во земјава нема анализа за тоа колку од децата и нивните родители го прележале коронавирусот, бидејќи при таков тип на анализа има ризик да се добијат погрешни податоци поради асимптоматките случаи кои не се регистрирани како ковид-19.

„Се решивме да има општи мерки и општи препораки. Има протоколи за работа на училиштата, има исклучоци – деца кои имаат потврдени хронични болести или дека кои имаат членови во семејството со хронични болести. Добар податок е дека се вакцинираат граѓани од 18 до 40 години. Сепак има висок процент на вакцинирани меѓу повозрасните граѓани“, изјави Филипче.

Анализите на Институтот за јавно здравје и лабараторијата при МАНУ пак, покажуваат дека две третини од сите случаи на корона во Македонија, се припишуваат на делта сојот. Сепак, министерот уверува дека мерките и препораките остануваат исти, а вакцината е ефикасна за сите мутации. Веќе е готова и анализата за тоа колку од заболените се луѓе кои претходно веќе го прележале вирусот, но податоците допрва треба да бидат споделени со јавноста. Во меѓувреме, постојат граѓани кои како што тврди Филипче, ги занемаруваат симптомите на вирусот. Тој апелираше до сите да се јават кај своите матични лекари или во болничките установи доколку забележат дека имаат и најлесен симптом.

-Во однос на протоколот тој е донесен уште минатата година, па ревидиран во март. Тоа е протокол кој важи на територија на сите држава, во сите болници ја има терапијата. Скапиот лек ремдесивир кој го наабавивме уште за време на претходниот бран е насекаде дистрибуиран. Протоколот е унифициран, има голем број пациенти кои касно се јавуваат на лекар – додаде Филипче.

Коментирајќи ја одлуката за задолжителен ПЦР тест или сертификат за вакцина за влез во земјава, тој рече дека оваа мерка важи од први септември, со што е оставено доволно време за неа да слушнат граѓаните кои се на патување, а треба да се вратат, но и оние кои допрва треба да отпатуваат.

-За нашите граѓани кои ќе се затекнат на граница и кои нема да ги имаат бараните документи односно не се вакцинирани и немаат ПЦР тест, има препорака за изолација. Ќе размислиме за тоа и тоа највеќе зависи од кадарот, дали може да излеземе во пресрет и да се понуди некаква форма на тестирање на граничните премини. Сега кадарот во здравствените домови е целосно посветен на вакцинацијата на сите пунктови па ќе излеземе со став дополнително – информираше Филипче.

(В.Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1