ММС

Објавено на: 08/26/21 12:45 PM

Граѓаните да бидат спокојни, нема да дојдат радикални Авганистанци, смирува министерот Оливер Спасовски

Без разлика на тоа што првичната бројка беше 450 луѓе, а вчера Владата потврди дека ќе пристигнат 730 Авганистанци, министрите за внатрешни и за надворешни работи, Оливер Спасовски и Бујар Османи, ветуваат дека безбедноста на македонските граѓани нема да биде загрозена.

– Ние сме задолжени да ја чуваме безбедноста на нашите граѓани. Ова се цивили кои работеле во меѓународните организации и во странските мисии. Не се радикали овие лица, но ние како земја сме должни да ги преземеме сите мерки за заштита. Во 2015 година имавме повеќе од 1,1 милион поминати мигранти низ Македонија и тогаш преземавме се за да ја зачуваме безбедноста. Граѓаните да бидат спокојни, нема апсолутно никакви индикации за евентуално нарушување на безбедноста – рече Спасовски.

Авганистанците ќе бидат прифатени и сместени во хотели. Ќе имаат визи за престој од 90 дена. Имаше првични најави дека луѓето ќе пристигнат во четврток, но состојбата на аеродромот во Кабул се менува од час во час.

– Во однос на статусот тие ќе имаат привремен престој од 90 дена. Тоа е нешто што може да го добијат како статус. Инаку постои процедура за издавање на дозвола за привремен престој. Една од процедурите е вршење на безбедносна проверка, односно кои се луѓето кои треба да пристигнат.  Опасноста е многу поголема од луѓето кои се македонски државјани и кои се бореле во Сирија, Ирак и Авганистан. Тие се повратници во Македонија и со нив државата работи повеќе на безбедноста и ресоцијализација во општеството – додаде Спасовски.

 

О.К.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1