ММС

Објавено на: 08/26/21 12:50 PM

Граѓаните со автоимуни болести може да извадат потврда од специјалист за контраиндикации од вакцината

Прашањето за граѓаните кои не може да се вакцинираат се решава во рамките на националниот пристап, тврди министерот Венко Филипче кој новинарите го прашаа како граѓаните кои не може да се вакцинираат поради медицинска причина, може да добијат потврда дека се ослободени од процесот на имунизација.

„Има категории на граѓани кои не може да се вакцинираат поради одредена здравствена состојба и  по проценката дали за оваа вакцина кај нив има контраиндикација,  тие може да земат потврда од соодветен лекар специјалист. Тоа е обично во сферата на автоиумините болести, но таа потврда е валидна и ќе важи истиот механизам“, додаде Филипче.

Во однос на третата доза, тој рече земјава се’ уште размислува, но се разгледуваат искуствата од други држави.

„Сега има студија која е направена во Израел и која покажува дека со третата доза ефикасноста уште повеќе се зголемува, што е доказ дека претходните вакцини имале ефекти. Имуниот одговор при повторен контакт со вирусот е многу подобар отколку првиот пат“, изјави ресорниот министер.

Тој рече дека вчера имал координативен состанок со дел од членовите на Комитетот за имунизација.

„Набрзо ќе се излезе со соодветен став, но многу веројатно е дека согласно сите тие препораки и студии,  целиот свет ќе оди во таа насока. Се разгледува прашањето за типот на вакцините, бидејќи сите работат на разни механизми. Во однос на временскиот период препораката ќе биде негде од 4  до 6 месеци, но експертите нека кажат свое мислење па ќе го соопштиме и ставот“, појасни Филипче.

 

(.В.Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1