ММС

Објавено на: 08/26/21 12:13 PM

Од ничии пари не сме скратиле за кампањата, вели Филипче

Тоа што се инвестира во кампањи воопшто не значи дека се скратени средствата на некое друго место, туку дека внимаваме буквално на сите сегменти кога е во прашање вакцинацијата. Ова го изјави денеска министерот за здравство, Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање зошто дури сега се почнува со национална кампања и зошто парите потрешени за оваа цел, не се искористија за ПЦР тестови за децата во училиштата.

„И во претходните месеци имаше активни кампањи, со тоа што тоа не беа кампањи на Владата, меѓутоа плански беше тоа направено. Најпрво започна кампањата на УНИЦЕФ, па на Делегацијата на ЕУ. Сега како следен чекор, нашата кампања на Владата. И вие, медиумите сте еден од нашите најгоеми партнери во борбата со пандемијата. Оваа криза меѓу другото, добро се менаџира и со навременото споделување на точни информации до граѓаните. Водиме сметка за сите сегменти. Нигде не е скратено“, посочи министерот.

Тој рече дека се разгледуваат и некои светски искуства за тоа што се прави во училиштата во однос на брзи тестови кај децата.

„ Сето тоа се разгледува од страна на експертите.  Засега не се препорачуваат никакви дополнителни мерки, но може да донесеме и други препораки согласно тоа како се одвива сликата со пандемијата“, нагласи тој во денешната изјава за медиумите.

Филипче објасни дека актуелната кампања ќе се води преку видеоспотови во кои ќе бидат вклучени јавни личности од светот на спортот, културата и други области. Според него, тоа се видни лица кои може да имаат влијание врз различни возрасни групи во општеството.

„Очигледно дека ова ќе биде долготраен процес. Во светот се’ повеќе се разговара за трета доза, можеби вакцината ќе стане сезонска. Потребна е честа комуникација со граѓаните затоа што вакцината е единствениот спас. Ова нема да престане се’ додека сите не се вакцинираме“, потенцира министерот.

 

(В.Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1