ММС

Објавено на: 08/26/21 10:27 AM

Училниците се мали, нема никакви хигиенски услови, а ќе има и булинг, реагираат родителите кои се за онлајн настава

На една недела пред почетокот на новата учебна година, родителите кои сакаат нивните деца да ја следат наставата од далечина, чекаат министерката Мила Царовска да се одважи и да ги повика на средба за да и’ ги образложат своите аргументи. Тие се обиделе да ја исконтактираат за да и’ предочат дека бараат право на избор, без бирократските процедури кои беа најавени од МОН. Во меѓувреме, овие барања се преточени и во петицијата која се потпишува на интернет, а во која меѓу другото се тврди дека институциите може да пропишуваат заштитни мерки, но не може да донесуваат конечни и гарантирани одлуки за здравјето на другите.

Дел од оние кои се застапници на ова барање, е и активистката Ана Глигорова., која за Македонски медиа сервис објасни кои се аргументите на родителите кои и понатаму се залагаат за онлајн настава, додавајќи дека и меѓу просветните работници има такви кои се плашат од лесната трансмисија на коронавирусот.

„Нашите училница се мали, а и немаме никакви хигиенски услови. Немаме тоалети, немаме доволно чешми. Ние не сме Германија или Франција, сепак сме Македонија, земја во која недостасува и вентилација на воздух. Во другите држави секој има своја клупа, помалку деца се во клас. Во училниците тука нема како да се почитува протоколот за дистанца од две метри“, вели Глигорова за ММС.

Според неа, поделеноста во ставовите на родителите, би можела да донесе нов момент во меѓуврсничкото насилство.

„Многу од децата се деца на ативаксери, можеби ќе има и булинг. Можеби некое такво дете ќе му се искашла во лице на друго“, додава таа.

Коментирајќи ги аргументите на родителите кои се за физичка настава и според кои, со онлајн наставата децата ќе останат неписмени, Глигорова вели дека е во ред ако некој сака наставата да биде од училница, но да не се дискриминираат другите кои сакаат таа да тече пред компјутер.

„Тие родители кои инсистираат за физичко присуство веројатно не ја гледаат опасноста од ковидот. Од друга страна тука се властите кои недецидно, антиедукативно се однесуваат кон таа група на луѓе. Некои ги нарекуваат луѓето ваксери и антиваксери, јас ги нарекувам загрижени и многу малку загрижени бидејќи децата се трансмитери на вирусот. Нема играње со вирусот“, нагласува Глигорова која е мајка на седумнаесетгодишен средношколец.

Сепак, таа вели дека не се залага за онлајн настава само поради тоа што е засегната како родител, туку затоа што правото на избор, е неприкосновено право на секој поединец. Нашата соговорничка и останатите родители кои инсистираат на онлајн настава бараат процедурите да се олеснат и да не мора да „заглавуваат“ во бироктаските лавиринти за нивните деца да останат дома.

„Не може власта со одлука и Комисијата за заразни болести да одат на опција 30 ученици во училница. Тоа се опасни игри во кои ќе имаме огромен број заразени не само од ковид, туку комбинирано со сезонскиот грип. Ќе имаме големи последици. Нашето барање е да има онлајн настава поради превентива. Тоа што зборуваат дека преку летото децата правеле забави, оделе на одмор, тоа е индивидуално право на родителот да го пушти детето да се однесува на тој начин, но добар дел и ги изолираа децата. Бараме да имаме избор за онлајн настава“, додава Глигорова.

Од МОН најавија дека децата ќе може да ја следат наставата од далечина доколку тие имаат ретка болест или попреченост, или пак доаѓаат од семејство каде има хронично болен член. Освен тоа, исклучок ќе има и за децата чии родителите поради други немедицински причини ќе побараат дозвола од училиштето. Глигорова, пак, оценува дека самото одење по болници за да се извади потребната документација, ќе ги изложи родителите на дополнителен ризик да се заразат.

„Тука ќе има и вклучување на директорот на училиштето кој не е компетентен, нема командна одговорност, таа е кај министерот. Не може директорот да одлучува кое дете треба да отсуствува, а кое не. Значи тој треба да влегува во тешка одлука, за која не е надлежен. Зошто директорите да се виновни за нечие заболување“, вели Глигорова која предлага сето ова да се реши на многу поедноставен начин, само со допис.

-Со едно писмо до училиштето од страна на родителите или службен меил да се побара онлајн и тоа да се реализира. Бирократските процедури треба да се прескокнат, барањето да биде кратко и јасно испратено на службениот меил на училиштето или со јавување на класниот раководител, но да нема „350“ процедури и лавиринти. Тие бараат медицинска белешка, а во секое второ семејство имаме болни луѓе, сите живееме на куп со баби дедовци. Дали за бабата треба да се вади потврда дека има дијабет на пример? За сите што сметаат дека наставата треба да е онлајн настава, треба тоа да се направи едноставно без медицински и немедицински причини. Причина – сакам да го задржам моето дете здраво односно да го спасам од можно заразување. Кратко и јасно. Нема потреба од медицински или немеицински белешки, луѓето се исплашени, мислат дека училиштето може нема да им дозволи – констатира нашата соговорничка.

Таа реагира дека со ваквиот начин на поставеност на работите, се кршат Кривичниот закон, Уставот, како и Универзалната декларација за човекови права. Забележува и дека меѓу просветните работници има многумина кои сакаат наставата да се изведува онлајн особено во Скопје, бидејќи додека стигнат на работа треба да сменат повеќе од еден градски автобус, а токму во автобусите има непочитување на актуелните мерки и препораки.

„Не е во прашање моето дете. Јас го тргнав од училиште, па цунамито пак нема да не заштити ако удри бранот. Самите автобуси се жариште на заразата. Трговските центри исто така. Еве апсурд – во трговски центар не можеш да влезеш без сертификат за вакцинација, а во училиште каде има стотици ученици, слободно може да се влезе и тоа со маски кои нема да се Н95,а ќе бидат под брада ставени. Децата седат блиску еден од друг, нема да има дистанца“, заклучува Глигорова.

Одлуката учебната 2021/2022 да почне со физичко присуство, Владата ја донесе минатиот вторник, со одобрување од Комисијата за заразни болести.

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1