ММС

Објавено на: 08/26/21 7:46 AM

Во знак на чест кон Емилија Динева, првиот донор на срце и органи во земјата, во Стар Дојран ќе се открие скулптура „Срце за вечноста“

Во Градскиот парк во Стар Дојран денеска ќе биде откриена спомен скулптурата/урбана инсталација  „Срце за вечноста”, која е изработена во знак на чест, почит и благодарност кон хуманоста и човечноста на семејството на Емилија Динева, првиот донор на срце и органи во земјава.

– Идејата на оваа акција е уште еднаш да се одаде почит на Емилија Динева и нејзиното семејство за овој несебичен и херојски чин и преку јазикот на уметноста да се поттикне органо дарителството како врв на хуманост и можност за спасување на стотици животи, велат Никола Писарев од Центарот за современи уметности,  авторот на скулптурата Андреј Миневски, и Влатко Динев (син на Емилија Динева).

Скулпурата „Срце за вечноста” на младиот академски скулптор Андреј Миневски е водена од идејата да се овековечи дарувањето на органи како  еден од највисоките чинови на човековата хуманост и можност кога еден живот згаснува друг да се распламти односно како што најчесто и бива да започне одново. Токму затоа, се појаснува во соопштението, и тематиката на скулптурата но и нејзината визуелност ја третира и темата на бесконечноста и начините со кои човекот може да се поврзе со бесконечноста преку постојната размена на енергии и материи. На овој начин авторот го овековечува херојството на Динева односно нејзиното семејство отворајќи и го патот до бесконечноста и незаборавот.

Самата скулптура е работена во техника која опфаќа спој на различни материјали како мермерно брашно, епоксид, метал изработени во стандарден скулпторски опус и доведени до совршенство од вештата рака на авторот.

Реализацијата на проектот е на Центарот за современи уметности – Скопје и Општина Дојран со финансиска поддршка од Фондацијата отворено општество – Македонија.

 

 

MИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1