ММС

Објавено на: 08/26/21 7:31 AM

„НаТочак” предлага 10 чекори до пешачко и велосипедско Скопје

Здружението за урбан велосипедизам „НаТочак” бара од претендентите за место во локалната власт во Скопје и скопските општини, без разлика дали се претставници на политички партии или настапуваат независно, во своите програми да предложат конкретни мерки за одржлив и безбеден сообраќај и да се заложат за град кој е пријателски за пешачење и за возење велосипед.

„НаТочак” смета дека идната локална власт треба да заземе посериозен пристап со фокус на 10 конкретни точки кои ги наведуваат, а кои се однесуваат на ослободување на тротоарите и јавниот простор, непрекината и достапна велосипедска мрежа, нула жртви во сообраќај и „зона 30″ на територија на целиот град каде нема издвоени велосипедски патеки, практични и безбедни паркинзи за велосипеди, стандардизирање на планирањето и проектирањето на велосипедската инфраструктура, денови без автомобили, посеопфатно и поразновидно субвенционирање на велосипеди како и систем за изнајмување, целосно искористување на потенцијалот на кејот на Вардар како велосипедска магистрала, промена на сообраќајниот систем на Скопје.

Овие десет точки ќе ги испратат до сите кандидати на локалните избори за Град Скопје и скопските општини веднаш штом ДИК официјално ги објави официјалните учесници, а најавуваат и дека ќе направат и евалуација на понудените програми на сите политички партии и независни кандидати, согласно точките од листата.

„НаТочак” веќе девет години се занимава со анализа и мерки на унапредување на велосипедскиот сообраќај во главниот град, но и на безбедноста, одржлив развој, урбанизам, градови за луѓе и сродни области. Велат дека предложените мерки се во насока на креирање на диверзитет на транспортните опции, но и редица други придобивки од здравствена, урбана и еколошка природа.

MИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1