ММС

Објавено на: 08/25/21 11:32 AM

Ако потраат мерките, ќе им помогнеме на угостителите, смета Битиќи

Угостителите, супермаркетите и продавниците во трговските центри цела недела кубурат со муштерии поради новите мерки за заштита од коронавирусот кои ги донесе Владата со цел да се стимулира процесот на вакцинација.

Објектите зјаат празни затоа што можат да примаат само вакцинирани граѓани со најмалку една доза од вакцините против ковид-19, а доколку продолжи овој силен четврти бран кој го предизвика Делта сојот на коронавирусот, угостителите тврдат дека нема да можат да остварат ниту минимални приходи со кои ќе ги покријат трошоците за вработените.

ММС ја праша Владата дали планира да ги обештетети или да им излезе во пресрет со нова финансиска помош на сите засегнати економски субјекти и што ако во случај на намалени приходи, продавниците во трговските

центри почнат со намалување на платите или отпуштање на вработените.

“Со цел враќање во нормалата, ние повикуваме сите граѓани да се вакцинираат за да ставиме крај на пандемијата. Тоа е единствениот начин како и економијата ќе се стабилизира и расте.

Владата од самиот почеток на пандемијата носи навремени и соодветни економски пакети за помош и докажа дека е партнер на граѓаните и стопанството.

Донесените протоколи обезбедуваат заштита на здравјето на граѓаните, но истовремено и континуитет на работата на стопанството. Здравјето на граѓаните на Република Северна Македонија е на прво место. Тоа е обврска на Владата, на институциите, на системот да бидат максимално посветени да го заштитат“, одговорија од Владата.

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи одговарајќи на новинарски прашања денеска истакна дека Владата ги следи состојбите и ако заеднички одлучи дека финансиските импликации се толку големи што изискуваат  одредена поддршка, тие ќе седнат во Владата и ќе разговараат.

“Секако за тие кои навистина се погодени.  Мерките се привремени и да се надеваме дека здравствените бројки ќе укажат дека можеме да се вратиме на нормалниот живот.  А секако ако тоа не е возможно, секогаш сме докажале дека носиме мерки за поддршка на стопанството кога е тоа потребно“, рече тој.

 

Орце Костов

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1