ММС

Објавено на: 08/26/21 7:00 PM

Од 30 години самостојност, дури 20 години советник – Претседателот на кавадаречкиот совет Ристо Сакалиев ќе го брка шестиот советнички мандат

Со 55 години возраст,  Ристо Сакалиев, тренер по карате, веќе пет мандати  или цели 20 години е општински советник.  Во пет мандати ги советувал градоначалните на Конопиште и Кавадарци, а сега ги обезбеди и  потребните потписи за кандидирање за шести мандат. Два мандати беше советник во советот на поранешната општина Конопиште, а од 2008 година во континуитет,  како независен кандидат е дел од кавадаречкиот совет. Во овој петти мандат беше избран и за претседател на советот на општина Кавадарци. Ристо прв пат станал советник кога имал само 25 години, а ако го добие и шестиот речиси и  како советник ќе дочека пензија, што е вистински раритет.

„Сакам да помагам во решавањето на проблемите на граѓаните, тоа е главната причина зошто редовно во изминатиот период партиципирам во советот на општина Кавадарци“ ни рече Сакалиев и истакна дека граѓаните секогаш биле  скромни во своите барања. Посочи дека неасфалтираните улици и други проблеми од комуналната инфраструктура биле најчестите реакции со кои граѓаните се обрале до него да им помогне, но се барала помош и за вработување.

Во актуелниот мандат, Сакалиев како носител на независна советничка листа освои околу  1500 гласа,  кои беа доволни да му обезбедат влез во кавадаречкиот совет и беше дел од коалиција со советничката група на СДСМ. Тој исто така е и дел од раководната структура на спортската сала „Јасмин“ во Кавадарци.

„Собирањето на потписи за новата кандидатура помина брзо. За три часа  собрав 350 потписи. Очекувам добро да поминам на овие локални избори. Според расположението од терен верувам дека ќе обезбедиме повеќе од еден советнички мандат“ вели претендентот за шестиот советнички мандат.

Сакалиев додава дека граѓаните сега, биле поопуштени, за разлика од порано, кога тешко се одлучувале да гласаат за независен кандидат, поради партиски притисоци.

„На локалните избори се гласа за личност, тоа кавадарчани добро го знаат“ истакна Сакалиев.

Покрај него, со долг советнички стаж се и советниците Ташо Радњански, како независен, Блаже Тасев од социјалистичка партија како дел од коалицијата  предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Развигор Кабранов од ДОМ. Кабранов најави кандидатура за советник и на претстојните избори во дресот на коалицијата ДОМ и ЛДП.

 

Ангел Данов

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1