ММС

Објавено на: 08/24/21 8:38 AM

Првиот дигитален учебник по математика е инклузивен и го јакне натпреварувачкиот дух, велат од МОН

Авторскиот тим внесе иновација во приодите за учење математика во функција на остварување на повисоки постигања на учениците и зголемување на функционалната писменост по математика, велат авторите на првиот дигитален учебник по математика за четврто одделение, проф. д-р Татјана Атанасова – Пачемска и наставниците Валдета Алија и Добри Јовевски, a информира Министерството за образование и наука.

-Приодот кој го има низ целиот материјал е истражувачко – откривачки, текстот е динамичен, ја одржува љубопитноста на ученикот и креира стимулативна средина за учење, преку избор на содржини и активности кои ќе придонесат во постигнувањето на исходите од учењето. Учениците можат лесно да се движат низ содржините, кои имаат динамички и дигитални компоненти збогатени со задачи со различни тежински нивоа, а секој ученик има можност да напредува според своето индивидуално темпо што материјалот го прави современ и отворен, вели Атанасова-Пачемска.

Според Атанасова-Пачемска особено внимание е посветено во делот на истражувачките и проектните активности поврзани со секојдневните животни ситуации – дизајнирање, моделирање и проектирање.

Активностите, како што се вели во соопштението на МОН, даваат можност младите математичари „да излезат“ од училницата на пазар, на градилиште, во ресторан, на патување…да креираат или симулираат реални проблеми во чие решавање ќе применуваат математички постапки кои се предмет на совладување низ материјалите за учење. Со овој пристап на креативност, критичко размислување и решавање проблеми, освен врз математичките, ќе се направи влијание на стекнувањето и на други компетенции како личен развој, социјален развој, иновативност и секако дигиталните компетенции.

Авторката Валдета Алија објаснува дека со новиот учебник по математика наставниците ќе добијат современ материјал кој ќе го користат во текот на секојдневната работа во училницата.

-Очекуваме дека овој материјал ќе побуди интерес и за креирање на нови иновативни материјали, размена на искуства со своите колеги, како и можност за реализација на заеднички активности во различна мултиетничка и мултикултурна средина. Овие материјали нудат голем избор на проблемски задачи насочени кон подобрување и зајакнување на математичките вештини во функционалната писменост токму во деловите каде учениците покажале послаби резултати на меѓународните тестирања по математика, вели Алија.

Наставникот Добри Јовевски, пак, вели дека понудените активности во материјалите за учење дават можност да се реализираат самостојно, во парови и групно со што се зајакнува и тимската работа, се буди натпреварувачкиот дух и се поттикнува љубовта кај учениците да учат, да вежбаат и да практикуваат математика.

-Се потрудивме како тим материјалите за учење да ги дизајнираме да бидат инклузивни, со јасни бои и инструкции за да му помогнат на секој ученик да ги користи според своите можности и потреби. Ги подготвуваме нашите ученици за активни европски граѓани кои ќе живеат и работат во новото „технолошко – дигитално“ време, во економија базирана на знаење. Оваа подготовка нека започне со првите дигитални материјали за учење математика, каде математичките и дигиталните компетенции ќе почнат да се создаваат, а ќе се стекнуваат и надградуваат во текот на целиот образовен процес, вели Јовевски.

Користењето на новите материјали за учење започнува од почетокот на новата учебна година како дел од реформските процеси во основното образование кои ќе се спроведуваат етапно. Целта е реформата во деветолетката целосно да се имплементира во следните 5-6 години, почнувајќи од годинава во прво и четврто одделение.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1