ММС

Објавено на: 08/23/21 12:36 PM

(Видео) За топли прегратки и насмевки без маска Заев и Филипче почнаа кампања против антиваксерството

Под мотото „За моментите на среќа, вакцинирај се!“, владата ќе се обиде да ги разубеди антиваксерите во нивните ставови за полезноста од вакцините против ковид-19. Премиерот, Зоран Заев и министерот за здравство,  Венко Филипче попладнево ја најавија новата кампања со која планираат да ги разбијат дезинформациите и митовите поврзани со вакцинацијата.

„Антиваксерското дезинформирање на населението ја укажува потребата од точно информриање за вакцинирањето. Сите мора да разбереме дека вакцините се единствениот спас од смртен исход од вирусот. Граѓаните мора да имаат точни информации за да се поттикне прифаќањето на масовната вакцинација. Новиот пик и новиот делта сој потврдуваат дека една од најсуштинските мерки е масовната имунизација на населението. Лежи токму оваа цел. Тие даваат ефект. Погледнете ги бројките од кога се најавија мерките. Само со комплетна вакцинација се намалува шансата од заболување како и смртен исход од болеста. Тоа е патот кој е не’ доведе до намален опфат на заболени“, изјави премиерот на заедничката прес конференција.

https://www.youtube.com/watch?v=AY-5Gs1yRW8

-Ја лансираме оваа кампања за да ги видиме широките насмевки на лицата без маски и топлите прегратки кои ни недостасуваат – изјави Заев, додавајќи дека повикот е едноставен и јасен и гласи „вакцинирај се“.

Тој тврди дека веќе се забележуваат првите ефекти од вакцинацијата која како што тврди, се одвива непречено низ сите пунктови во државата, а во тек е и теренска вакцинација.

Министерот Филипче појасни дека целта на новата кампања е борба против дезинформациите кои се уште ги збунуваат граѓаните, а до кои е потребно да се испрати вистинска информација. Тој апелираше до младите особено тие да се вакцинираат бидејќи кај нив, мал е опфатот на вакцинација.

„Младите се’ уште се категорија која е вакцинирана во мал процент. За жал, и кај младите имаме тешки случаи кои на овој начин може да ги превенираме.  Пандемијата ги испразни училишните клупи, ни го промени животот кој го знаевме пред ковид-19. Кампањата носталгично потсетува на сите моменти на среќа, културните настани, спортските настани со публика, ќе не’ потсети на се’ што може да изгубиме доколку не обезбедиме колективна заштита. Силно верувам дека овие пораки нема никого да остават рамнодушен“, додаде Филипче.

Според него, новата национална кампања ќе ја зголеми одговорноста и свесноста кај населението во оваа кризна состојба која како што вели, постои насекаде низ светот.

„Во градовите каде имаме голем опфат со вакцинација нема притисок во болниците, а каде има низок процент на вакцинирани како Тетово и Гостивар напливот на пациенти на кои им е потребно болничко лекување, е голем. Охрабрува фактот што интересот за вакцинација се зголемува, но се’ уште сме далеку од опфатот потребен за стабилизација“, изјави Филипче.

Тој рече дека е свесен оти има различни ставови, мислења, пристапи и негодувања од мерките, но сепак тие се насочени кон крај на пандемијата.

 

(В.Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1