ММС

Објавено на: 08/21/21 2:43 PM

Нема зијан прележан граѓанин да се вакцинира што побргу: Филипче ги аргументира одлуките за рестрикции во угостителските објекти

Имунитетот стекнат по природен пат со прележување на ковид-19, со текот на времето се намалува, а оној стекнат со вакцинација е подолготраен. Ова е објаснувањето на министерот, Венко Филипче за оправданоста на мерката според која, прележаните може да влегуваат во угостителските објекти со потврда, но само првите 45 дена сметајќи од денот кога оздравеле.

По бројните реакции во јавноста, новинарите денеска го прашаа Филипче дали е оваа одлука политичка, или медицински оправдана на што тој одговори дека единствениот спас  е вакцинацијата.

„Граѓаните мора да знаат дека додека сите не се вакцинираме, ова нема да престане.  Тоа е единствениот спас. Има јасни препораки дека природниот имунитет после прележување на болеста со тек на време се намалува, а вакциналниот е потраен. Во таа смисла, Американскиот центар за контрола на болести тоа го укажува, СЗО тоа го укажува, дури и 10 дена по тестирањето кај асимптоматските случаи се препорачува вакинација.  Сите препораки одат кон тоа дека е потребно во што пократко време луѓето да се имунизираат“, потенцира министерот за здравство.

„Точно е дека има студии кои препорачуваат и констатираат дека луѓето имаат имунитет и по 5-6 месеци по прележувањето на болеста, но природниот имунитет се намалува. Имајќи предвид дека имаме препораки за што поскоро вакцинирање,  битно е граѓаните да се вакцинираат за да може за што пократко време да се подигне степенот на вакцинација, се постигне колективен имунитет затоа што вакциналниот имунитет е траен, сакајќи да спречиме следни бранови. Зошто да чекаме?  Ние мора ова да го прекинеме еднаш. Не може повторно да се соочуваме со некој бран. Природниот имунитет со тек на време се намалува и нема потреба да се чека. Тоа е логиката за тие 45 дена – 30 дена после прележувањето, имунитетот со стекнатите антитела постепено ќе се намалува и тоа е суштината на таа препорака, да се подигне колективниот имунитет за целосно да се смени сликата со пандемијата. Еве гледаме како доаѓаат брановите во циклуси“, додаде Филипче.

Според него, истиот овој аргумент стои и зад одлуката граѓаните да може да влегуваат во угостителските објекти со само една доза вакцина.

„Истата оваа логика којашто ја кажувам досега стои и зад оваа препорака. Со една доза почнува да се развива имунитет, секако дека не е доволно да се создаде имунитетот, но почнува процесот и добро оди. Уште повеќе ќе го зголемиме капацитетот за вакцинација во текот на неделата. Значи за што пократко време стекнување колективен имунитет постигнат со имунизација согласно сите препораки на релевантни институции  е логиката за сите овие наши одлуки“, нагласи Филипче.

Според него, доколку некој пациент го прележал вирусот, за него нема разлика дали ќе се вакцинира по 1 или по 6 месеци, но сепак тоа игра улога во градењето на колективниот имунитет.

„За што пократко време, макар и по порележувањето, важно е луѓето да се вакцинираат. Се анализираат повеќе типови студии, тоа се доказите во медицината со соодветни студии. Има критериуми за тоа, така што нема разлика за пациент кој се опоравува дали ќе се вакцинира после 1 или 6 месеци. За него нема разлика, но има за колективниот имунитет. Нема зијан или контраиндикација да се вакцинира што порано. Не секој развива ист имунитет по прележувањето.На секој пациент му се пружа максимална грижа. Многу пациенти доаѓаат доцна, со 40-50 сатурација. Нешто помалку од 8 проценти од починатите се вакцинирани, но тоа се луѓе кои се постари имаат посериозни коморбидитети“, истакна Филипче.

Тој ја прокоментира и изјавата на претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски дека власта не ги послушала препораките да не се дозволуваат свадби на затворено во текот на летото.

„Многу често сме дискутирале и имало различни размислувања, меѓутоа дефинитивниот став беше дека кога е мирна ситуацијата се’ треба да биде дозволено. Тоа е целта. Во првиот момент кога видовме дека има влошување на состојбата се дадоа и се препорачаа рестриктивните мерки. Овој бран има слични карактеристики сегде во регионот. Очигледно е дека се враќаат луѓето од патувања и од одмори и почнува повторно да се зголемува бројот на новодијагностицирани. Затоа се тие рестрикции. Имавме претходни случаи кога брановите се случуваа поради семејни  веселби, така што не може да се спречи ова. Исклучиво и единствено со зголемување на опфатот на вакцинација“, објасни Филипче.

Прашан за коментар за барањето на опозицијата да си поднесе оставка, тој рече дека опозицијата има бројно членство и може да апелира до граѓаните да се вакцинираат.

 

(В.Ми)


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1