ММС

Објавено на: 08/23/21 9:46 AM

Зошто МНР избрка руски дипломат кој веќе си заминал и кои се штетните последици што ги најави Русија?

Министерството за надворешни работи нема одговор на обвинувањата од Русија дека “властите во Скопје прогласиле дипломат за „персона нон грата“ кој ја завршил својата служба уште пред да биде објавена одлуката во јавноста“, повикувајќи се на Виенската конвенција за дипломатски односи.

“Властите на Северна Македонија прогласија дипломат за „персона нон грата“ во Руската амбасада во Скопје . Овој пат зборуваме за вработен кој ја заврши свojата служба уште пред да биде објавена одлуката во јавноста. За жал, северномакедонската администрација продолжува да се движи по конфронтативен пат, не обрнувајќи внимание на фактот дека таквите чекори се штетни за билатералните односи. Се разбира, ќе бидеме принудени соодветно да одговориме на овие немотивирани непријателски постапки“, објави руското МНР како одговор на одлуката на ресорот на Бујар Османи да прогласи за непожелен уште еден вработен од Руската амбасада во Скопје.

ММС го праша Министерството за надворешни работи подетално да ја објасни информацијата на руското МНР и да образложи зошто е протеран дипломат кој според нив, веќе ја завршил службата, односно дали е превид, дипломатски гаф или сосема нешто друго.Но, од таму добивме штуро објаснување.

„Министерството за надворешни работи, во рамките на своите надлежности, ги презема сите соодветни мерки и активности согласно виенската конвенција за дипломатски односи со цел да ја заштити националната безбедност на Република Северна Македонија, како и соодветно да ја заштити улогата и одговорноста на земјава како членка на НАТО алијансата“, изјавија од МНР за ММС, но не одговорија како ова ќе влијае на билатералните односи со Русија и што за Македонија ќе значи „ќе бидеме принудени соодветно да одговориме на овие немотивирани непријателски постапки“.

Во член 9, став 1 од Виенската конвенција за дипломатски односи стои дека „државата во која дипломатот се акредитира, може, во секое време и без обврска да ја образложи својата одлука, да ја изверсти државата која акредитира дека шефот или било кој член на дипломатскиот персонал на мисијата е persona non grata или дека било кој друг член на персоналот на мисијата не е прифатлив. Државата која акредитира тогаш ќе го отповика лицето кое е во прашање или ќе ги заклучи неговите функции во таа мисија според случајот. Некое лице може да биде огласено како persona non grata или како неприфатено и пред да дојде на територијата на државата кај која се акредитира“.

Според ова, МНР може да прогласи за непожелна личност член на дипломатски персонал уште пред тој да пристигне во Македонија, но никаде не стои дека може да го огласи како persona non grata откако лицето ќе ја заврши својата служба во земјата во која престојувал.

„Ако државата која акредитира одбие да ги изврши или не ги изврши во разумен рок обврските кои ги презема согласно точка 1 од овој член, државата кај која се акредитира може да одвие на лицето за кое станува збор да му го признае својството на член на мисијата“, стои во точка 2 од член 9 на Виенската конвенција.

Во мај годинава МНР веќе прогласи еден дипломат на Амбасадата на Руската Федерација за непожелна личност во Македонија. Русија тогаш реагираше со преземање реципрочни мерки, односно со протерување на еден вработен во нашата Амбасада во Москва.

Орце Костов

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1