ММС

Објавено на: 08/20/21 7:17 AM

Од ЕУ одобрен дигиталниот сертификат за Ковид-19

Европската комисија вчера го одобри нашиот дигитален сертификат за Ковид-19. Нашата држава, како што информира Министерството за здравство, е прва во регионот за која сертификатите за Ковид-19 ќе се сметаат за еквивалентни на Дигиталниот сертификат на ЕУ.

– Со ова се избегнуваат сите ограничувања во патувањата како што се дополнително тестирање или карантин. Во неопходни случаи, како што е заштитата на јавното здравје, земјите членки можат да преземат дополнителни мерки. Благодарение на оваа одлука ќе бидат укинати ограничувањата за патување за луѓето што ги примиле вакцините против Ковид-19 одобрени од ЕУ, соопшти Министерството.

Од Министерството вчера, меѓу другото, потенцираа дека стручните препораки во однос на имунизација против Ковид-19 се дефинираат водејќи се од потврдени и прифатени податоци и докази кои потекнуваат од здравствените организации одговорни за следење на инфективните болести како Европскиот и Американскиот Центар за инфективни заболувања (CDC и ECDC), од регураторните медициски агенции ЕМА и ФДА и од СЗО.

Препораките од сите овиe организации е дека за комплетна имунизација против Ковид-19 потребно е добивање на две дози (со исклучок на вакцината на Ј&J која се прима само во една доза) во дефиниран интервал, 14 дена по примање на втората доза.

– Прележувањето на Ковид-19 не преставува пречка за вакцинација и лицата кои ја имаат прележано болеста треба да се вакцинираат, наведуваат од здравство.
Една од препораките е и дека временскиот период од прележување на болеста до вакцинација е најмалку месец дена. Одредување на нивото на антитела не се препорачува и нема влијание врз вакцинацијата.

Кај лицата кај кои во тек на лекувањето дадена е терапија со моноклонални антитела или конвалесцентна плазма, вакцинацијата може најрано да биде по три месеци од терапијата и комплетно оздравени од болеста.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1