ММС

Објавено на: 08/19/21 10:31 PM

Највисокиот германски суд ја потврди казната доживотен затвор за неонацистичката терористка Чепе

Највисокиот германски апелационен суд денеска ја потврди доживотната казна затвор за неонацистичката терористка Беате Чепе за убиства, подметнување пожари и бомбашки напади на турските имигранти, јавува Агенција Анадолија (АА).

Федералниот суд на правдата ја отфрли жалбата на осудената терористка, која тврдеше дека не била присутна на ниту едно место на злосторствата и дека не учествувала во убиствата, префрлајќи ја вината на други познати членови на терористичката група Национално-социјалистичко подземје (NSU).

Судот заклучи дека Беате Чепе била соучесник во сите убиства извршени од екстремно десничарската терористичка група, односно дека активно учествувала во планирањето на овие злосторства, давала значителна помош на други членови на терористичката група и се обидела да ги уништи доказите.

Неонацистичката организација НСУ уби осум турски имигранти, грчки државјанин и германска полицајка помеѓу 2000 и 2007 година. Сите убиства останаа нерешени долго време.

Германската јавност првпат дозна за постоењето на групата и нејзината улога во убиствата во 2011 година, кога двајца членови на групата, Уве Мундлос и Уве Бонхард, починаа по неуспешен грабеж на банка. Полицијата пронајде оружје и неонацистички пропаганден материјал во нивниот стан.

Чепе беше осудена на доживотен затвор од Високиот суд во Минхен во 2018 година, по петгодишно судење, а четворица осомничени кои ја поддржуваа групата, добија поблаги казни.

Беате Чепе ја негира вината за убиствата и се обиде да ја префрли вината на нејзините двајца пријатели од НСУ.

Скандалот предизвикан од НСУ доведе до широка критика кон германските агенции за безбедност, обвинети од опозициските партии дека толерираат десничарски екстремисти и дека не спречиле насилство насочено кон имигрантите.

До 2011 година, германската полиција и разузнавачките служби отфрлаа какви било расни мотиви за убиствата. Наместо тоа, тие ги третираа имигрантските семејства како осомничени, испрашувајќи ги за наводна поврзаност со организираниот криминал и дрогата.

Неодамнешните откритија покажаа дека Германската разузнавачка агенција (BfV) имала десетици информации поврзани со осомничените од НСУ до крајот на 1990-тите, но инсистирала на тоа дека тие нема претходно сознание за неонацистичката група НСУ и нејзината сомнителна улога во убиствата.

Многу прашања за убиствата останаа нерешени, бидејќи десетици тајни досиеја што припаѓаа на разузнавачката служба беа уништени набргу по смртта на Мундлос и Бонхард во 2011 година.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1