ММС

Објавено на: 09/3/21 7:00 PM

Како да не ви преседне одморот и со желба да се вратите на работа – Со психотерапевтот, Ана Јанкуловска за ресетирање на телото и духот

Одењето на одмор несомнено е нешто кое сите со нетрпение го очекуваме. Ова е оној период од годината кога луѓето си даваат оддишка, одморајќи ги и телото и умот, оддалечувајќи се од секојдневните работна рутина. Годишниот одмор односно слободните денови се тесно врзани со нашето ментално здравје, но повторното враќање на работа носи доза стрес. Како да ги минимизираме негативните емоции кои се јавуваат по завршувањето на годишиот одмор, дали тие може да манифестираат некој друг проблем кој го имаме во позадина, и каква е улогата на лидерите во разбирањето на оваа проблематика се само дел од прашањата за кои одговори побаравме од Ана Јанкуловска, Гешталт психотерапевт и тренер за организациски развој и лидерски способности.

-Во англискиот јазик постои термин кој точно го доловува феноменот на тага и анксиозност по одмор, а тоа е holiday blues. Тоа е термин кој ја фаќа целата суштина на враќањето на работа по одмор. Што се однесува до потребата од годишен одмор, таа е важна од повеќе аспекти. Прво, тука е концептот на burn out или „согорување“, кој е окупациски феномен, а потоа секако и пандемијата што ја имаме изминатата година ипол. Сите овие концепти во позадината ја носат потребата од одмор како исклучително важна алатка, состојба за регенерирање на целокупното ментално и телсно здравје на работникот пред се’ – објаснува Јанкуловска.

Зошто кај некои се јавува чувство на грижа на совест кога ќе заминат на одмор, па им треба неколку дена од одморот за да се опуштат?

-Дали сме поддржани во потребата за одмор или не, многу зависи од системот во кој припаѓаме. За жал, има системи кои потсвесно гаат одредени непишани правила и очекувања, па оттука кај вработениот може да се јави чувство на грижа на совест кога оди на одмор. Сето тоа го носи работникот на место на кое системот несвесно го повикува да се однесува на тој начин. Тоа е исклучително на долг рок погрешно и непродуктивно, како за поединецот така и за системот. Во таква ситуација, важен е ставот на поединецот, тој треба да види што може да направи, може да избере доколку системот не го поддржува на некој начин. Да биде во контакт со себе, со своите потреби за да може да ги задоволи. Треба да одбере да оди на одмор тогаш кога телесно и ментално ќе почувствува потреба од одмор.

Кога одиме на одмор неретко знаеме да ја „земеме“ и работата со нас, особено што со новата технологија, па наша канцеларија може да биде кое било место. Дали тоа е пречка за да си го дадеме тој одмор и на своето тело и на својот ум, дали тоа создава стрес наместо да се одмориме во деновите кои треба да се слободни?

-Тука повторно игра улога личната свесност и границите на секоја индивидуа, на секој професионалец. Кај секој систем кој го повикува поединецот да биде достапен и вклучен преку нова технологија за да биде во функција дури и кога е на одмор, важни се личните граници. Тоа значи да поставиме граници за она што ми е мене потребно и колку јас сум поддржана, иако го имам уредот и се’ ми е тука пред мене, го ставам тоа во позадина.

Исклучително важна е свесноста на индивидуата за да се каже „не“ во тие моменти кога личноста е повикана, да постави јасни граници и да не се вклучи во работниот процес. Има разлика од индивидуа до индивидуа, иако на сите се’ ни е достапно.

Која е улогата на лидерите односно на претпоставените на работните места во разбирањето на суштината на оваа проблематика?

-Со ова прашање доаѓаме до една клучна точка, бидејќи важно е како лидерите се поставени во една организација и каква е нивната свесност. Како што кажав претходно, има несвесни правила коишто се гаат во еден организациски систем. Може да ви речат вие имате 20 дена одмор, меѓутоа нормите ви делуваат емоционално и не ви дозволуваат да земете одмор, тука се јавува и несигурност од тоа како ќе бидете перцепирани од страна на менаџментот. Затоа важен е концептот на квалитет, колку нашите лидери се етички потковани и може да препознаат стравови кај вработените. Тука лидерот треба да го поддржи вработениот да одмори, да земе одмор и да не се спори за тоа. Тој е тој што треба да ја промовира вредноста на земање одмор, опуштање на одмор, дури и кога вработениот сака да се вклучи, лидерот треба да рече „не, не ми требаш, се’ ќе биде во ред“.

Како може психотерапевтите да придонесат во разбирањето на оваа проблематика? Дали е потребно во текот на годината да се организираат едукативни работилници, семинари или слични настани?

-Јас работам како дел од Центар за организација и развој на лидери, тоа се сертифицирани тренери, организациски консултанти кои се занимаваат со оваа култура на градење лидерски способности. Исклучително важно е лидерите да посегнуваат по вакви работилници каде што се зголемува свесноста и се јакне самоспознавањето, разрешувањето на одредени дилеми, за да можам како лидер да им бидам во функција на вработените, на бизнисот, важно е за севкупното здравје, за формирањето здрава органзиациска култура. Перфектно не може да биде, може да биде здраво.

Што по враќањето од одмор? Како ако не можеме да го елиминираме стресот, барем да го минимизираме?

-Што се случува кога ќе се вратиме на работното место – сме се одделиле од системот во кој сме секој ден и одиме на друго место. Тоа може да е одмор во друга држава, планина, море или езеро, може и да сме дома, но средината сепак е друга. Обврските се намалени. Се случува и сетилата да се зголемат – сетилото за вид, мирис, вкус се активираат. Се фокуираме на тоа да почувствуваме, да се опуштиме. Стапуваме во еден нов аспект кој не’ носи на место на слобода, уживање и јако доживување, кое е примамливо. Со тоа претпоставуваме дека сме се опуштиле, додека се ослободуваме од обврските. Сме стапиле во контакт со една слобода.

Е сега, се враќаме назад во системот, се враќаме назад кај обврските. Нормално е дека ќе има чувство на блага анксиозност, тага, фрустрација. Тоа е сосема нормално, тоа се емоции на кратки патеки кои се јавуваат бидјеќи повторно се враќате во рутината. Тежината на преодот од одмор на работа многу зависи и од професија, релацијата со професијата, со системот, колку повеќе сме поддржани од системот, полесно ќе им се вратиме на нашите обврски. Меѓутоа, тоа е место каде може да станеме свесни за потенцијалните проблеми. Ако сте премногу анксиозни, тука ќе видите зошто сте анксиозни, дали е тоа релациски проблем, дали е нешто што не мачи во однос на професијата. Така што тука избиваат на површина многу потенцијални проблеми и можеме полесно да се видиме. Генерално е сосема нормално да почувствуваме блага тага и анксиозност.

Значи врз основа на тие емоции по враќањето од одмор може да согледаме нешто друго во позадина?

-Да, ако останеме доволно долго со тие емоции ќе видиме дали имаме релациски проблем, дали имаме некаков капацитет кој треба да го развиеме, дали имаме некои други аспирации кои не водат. Треба да почнеме да планираме на свесно ниво за тоа каква сакаме да биде нашата релација со работата, тоа е исклучително важно.

Како да си помогнеме на самите себе? Како да си го олесниме враќањето?

-Апсолутно многу практичен совет е пред одмор да се организира целиот систем со што ќе бидеме сигурни дека се’ ќе функционира додека сме надвор. На самото враќање да избереме кои обврски ќе не’ сретнат, интензитетот, комплексноста на средината ќе не’ дочека иако ние доаѓаме од една релаксирана средина. Она што јас како тренер би поддржала е сите професионалци да можат да си го земат оној дел на чувство на контакт со себе и да го донесат во работната атмосфера од позиција на зголемен капацитет, регенерирани способности со една смиреност и сталоженост. Кога ја носите таа енергија и регенерација, како чувство стекнато на одморот, многу полесно ќе се адаптирате на местото. Сите тие работи треба свесно да си ги донесеме на работа.

Што кога луѓето велат дека им е здодевно ако се на одмор повеќе од една недела? Дали се заглавени во некаков „деловен вртлог“, како да го протолкуваме тоа што не знаат што со себе ако имаат повеќе од една недела?

-Етиката не може да ја ставиме, тоа е многу индивидуално. На пример, во Англија имаат култура на семеен одмор на секои три месеци по една недела. Кај нас, се зема одмор од две недели. Кај нас таква е културата. Секој различно перцепира, има различна потреба и доживување на тоа што значи одмор за него. Сепак самиот годишен одмор ќе биде „подлабок“ кога ние на дневно ниво ќе се регенерираме преку мини активности – готвење, шопинг, играње со децата. Кога би го имале тој баланс на дневно ниво и култура на регенерација без разлика каков ни бил денот, ќе се постигне баланс и тогаш телото веќе ќе биде научено на одморање. Секој си знае за себе што го релаксира, некој сака музика, некој друго нешто.

СЗО ова го класифицира како феномен што се случува – burnout или согорување. СЗО веќе го препознава како феномен на работно место, не е ментално заболување, но е окупациски феномен, така е класифицирано.

Сакам и да споменам дека годинава за некого одморите нема да се случат. Здравствените работници или луѓето што изгубија работа нема да може да одат на одмор, треба да сме свесни дека е привилегија ако можеме.

Оние кои не можат да одат треба да направат повеќе контакт со природата, да одат да се прошетаат за време на викенд, кампување и се’ она што им е достапно согласно финансиите. Луѓето треба да се охрабрат да излезат од своите домови и не мора да одат некаде далеку.

 

Вања Мицевска


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1