ММС

Објавено на: 08/19/21 10:38 AM

Не се свесни додека не ја видат иглата – Маката ги спои Илина и Јаков, заедно се лекуваат и се дружат во Истанбул

Македонија се сплоти за да им даде шанса за подобро утре, исполнето со здравје на Илина и Јаков, кои мораа да заминат во Турција на лекување. Лекувањето и на двете ангелчиња е во тек, а фотографиите што од таму пристигнаа никого не можат да остават рамнодушен.

Илина и Јаков ги спои маката, борбата за живот,  па и двете дечиња во болницата во Истанбул станаа најдобри другарачиња. Нивните мајки Симона и Елена во борбата за здравје и живот на нивните ангелчиња си се поддршка една на друга.

Лекувањето на малата Илина е почнато поодамна, додека Јаков неодамна го почна патот до оздравување.

-Се бараат еден друг, се чекаат за играње. Се имитираат мегу себе. Јаков ја вика Ина,  а Илина него го вика Ваков. Се дружат многу. Не се свесни што им се случува се додека не ја видат иглата, вели мама Елена и додава:

-Јаков првиот блок добро го помина, но е прв, организмот се уште не му е истоштен. Се надевам дека и понатаму добро ќе ги поднесува и хемо терапијата и радио терапијата. Косичката пона веќе да му паѓа, но тоа е очекувано. Само се да помине добро, ќе порасне нова, вели таа.

Стравот на Елена дали ќе се соберат потребните средства за лекувањето на Јаков е надминат. Таа вчера и на својот Фејсбук профил се заблагодари на сите хмани граѓани за помошта.

– Драги хумани наши пријатели и познати и непознати. Со големо задоволство и олеснување Ве известуваме дека се собрани потребните финансиски средства за лекување на нашиот Јаков. Ви благодариме од срце што му овозможивте на нашето малечко да добие шанса за нормално и среќно детство.Се надеваме дека ќе порасне во добар и хуман човек кој ќе помага во нечии тешки моменти како што Вие помогнавте во нашите. Јаков ве сака сите, напиша Елена.

Илина, пак, веќе неколку месеци со мајка и Симона е во оваа болница на лекување.

(В.М.)

Фотографиите се објавени со дозвола од родителите


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1