ММС

Објавено на: 08/19/21 8:52 AM

Сојузната држава Мичиген го прогласи септември за месец на македонското наследство

Претставничкиот дом на Мичиген ја усвоил резолуцијата 149 со која следниот месец септември се прогласува за месец на македонско-американско наследство во оваа сојузна држава во САД каде што живеат околу 125.000 Американци со македонско потекло, објави Обединетата македонска дијаспора.

“Минатата година, гувернерката на Мичиген Гречен Витмер, го прогласи 8-ми септември за Ден на Македонците во Америка во сојузната држава Мичиген. Ова е првпат во историјата на САД државен законодавен дом да донесе резолуција со која се прогласува месец на македонско-американското наследство. ОМД се надева дека ова ќе инспирира идни напори во други држави, како и дека септември ќе биде прогласен и на национално ниво за месец на македонско-американско наследство“, соопштија од ОМД.

Обединетата македонска дијаспора му е благодарна и на државниот претставник Ричард Стинленд, демократ, кој го отслужува својот прв мандат како претставник на 22. округ, кој го опфаќа градот Розевил и дел од градот Ворен, за поднесување на резолуцијата 149 на Претставничкиот дом.

“Македонците емигрираа во сојузната држава на Големите Езера од 1880-тите, и денес сочинуваат енергична заедница во Метро Детроит и низ Мичиген, учествувајќи во сите сфери на животот. Тие се пример за сите жители на Мичиген, и како пријател на заедницата, ми беше задоволство да ги водам напорите за прогласување на септември за месец на македонско-американско наследство,” рече Стинленд.

Мичиген е дом на најголемата заедница што зборува македонски јазик во Соединетите Држави, според пописот на САД.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1