ММС

Објавено на: 08/19/21 8:47 AM

(Видео) Питон долг три метри ги изненади купувачите во супермаркет во Сиднеј

Питон долг три метри ги изненади купувачите во супермаркет во Сиднеј, излегувајќи од полица во делот за зачини, а портпаролот на „Вулвортс“ вели дека станува збор за „лизгав и редок“ клиент.

„Само во Австралија“, напишала жената на постот на фејсбук споделувајќи го видеото од големата змија во супермаркетот на северо-западната страна на Сиднеј.

Клиентка во супермаркетот, Хелаина Алати, која пазарувала зачини за понеделничкиот ручек, се завртела и како што вели само на 20 сантиметри од неа го видела дијамандскиот питон.

„Само сакаше да каже здраво“, вели таа за „Гардијан“.

Алати вели дека питонот бил замотан во делот позади зачините и оти сигурно многу луѓе поминале, а воопшто не го ни виделе.

Откога питонот бил забележан, персоналот од супермаркетот реагирал смирено и многу брзо за да ја обезбеди околината за купувачите, потенцирал портпаролот.

„Имаше среќа што јас го видов, а не некој друг. Најголем дел од луѓето би полуделе“, вели Алати која претходно била фаќач на змии, па успеала да ја земе потребната опрема од својот дом во близина и ја пуштила неотровната змија во блиските грмушки.

„Беше многу мирен и неагресивен. Не беше во дефензивна позиција, туку веднаш влезе во торбата. Јас сум навикната да гледам змии на чудни места, но во супермаркетот дефинитивно не би очекувала“, вели Алати.

Дијамантските питони не се толку распостранети во Сиднеј како што беа порано и иако не се во опасност од исчезнување,  се под притисок од уништување на живеалиштето. Овие питони не се опасни, но можат да имаат болно каснување, а забите да се скршат и да останат во жртвата.

 

извор: гардијан


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1