ММС

Објавено на: 08/18/21 1:50 PM

Бесплатна вакцинација, ПЦР тест и здравствен преглед за Авганистанците кои ќе пристигнат

Нема бран на бегалци, терористи или какви било слични заплашувања кон државата. Се работи за тоа дали сме луѓе или не сме. Скопје има примено помош од секаде, а Авганистан е еден од првите донатори по земјотресот во 1963 година, вака премиерот Заев го оправдува примањето на 450 Авганистанци кои до крајот на неделава треба да пристигнат во земјава.

Одговарајќи на новинарско прашање Заев рече дека никој не побарал од нас да го сториме тоа, туку  како држава сами сме се понудиле и сме биле меѓу првите заедно со Албанија.

– Се работи за луѓе кои биле соработнци на сојузничките армии во Авганистан, вклучувајќи ја и нашата која од 2002 е сојузник во сите мисии на НАТО таму. Се работи за миротворци, активисти за човекови права, новинари, студенти, жени. Секако како што соопшти владата ние веќе донесовме одлуки, ќе ги прифатиме сите граѓани кои доаѓаат по однапред определени списоци.  Државата ќе го плати превозот од аеродромот до хотелите, а веќе има такви кои понудиле сместување. Ќе се овозможи бесплатна вакцинација на тие што немаат,  иако најголем дел од нив се вакцинирани бидејќи работеле во институциите, ќе има и бесплатен ПЦР тест и ќе им се овозможи здравствен преглед. Трошоците за сместување ќе ги плати САД, но Владата донесе одлука да преземе дел од трошоците, па тие после ќе бидат рефундирани, рече премиерот и потенцира оти граѓаните треба да бидат горди што учествуваме во ваква хуманитарна мисија.

Авганистанците ќе дојдат со повеќе летови, а можно е бројката деновиве да се зголеми, но за тоа премиерот вели јавноста навремено ќе биде информирана.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1