ММС

Објавено на: 08/18/21 10:10 AM

Ја викнал да купат пиво, па ја однел кај гаражите – Полов напад врз малолетничка во Прилеп

Маж на возраст од 31 година се сомничи за полов напад врз малолетничка, оопшти ОЈО Прилеп.

-Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, на возраст од 31 година, за кривични дела – Полов напад врз дете кое не наполнило 14 години од член 188 став 1 и Прикажување порнографски материјал на дете од член 193 став 1 од Кривичниот законик.

Имено, јавниот обвинител оцени дека постои основано сомнение дека осомничениот, на 8 август во населбата „Тризла“ во Прилеп, заради задоволување на полови страсти, извршил полови дејствија врз 13-годишно дете.

Делото осомничениот го извршил така што отишол пред куќата каде што живее оштетената, која седела со уште неколку деца и ја повикал да отидат да купат пиво од продавницата. Детето се согласило и заедно отишле до продавницата од каде купил пиво, па на негово барање се упатиле во близина кај гаражите од околните згради и застанале во неосветлениот парк каде почнал да ја гушка и да ја трга кон себе. Девојчето за да се спаси побарало од него 100 денари за да купи вода со ветување дека ќе се врати. Осомничениот се согласил и ѝ дал пари, па оштетената побегнала пред својот дом каде седеле другите деца. По кратко време таму дошол осомничениот кој повторно побарал да оди со него, но девојчето не се согласило. Тогаш осомничениот ги избркал останатите присутни деца, седнал до оштетената, па на мобилниот телефон почнал да ѝ прикажува видео записи со порнографска содржина, барајќи од неа да ги гледа снимките. Тој инсистирал девојчето повторно да оди со него кај гаражите, но тоа не се согласило, по што продолжил да ја гушка и допира.

Надлежниот јавен обвинител поднесе предлог за определување мерка притвор до судијата на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп. Судијата на претходна постапка го прифати предлогот и со решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена.​


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1