ММС

Објавено на: 08/18/21 7:26 AM

Армијата одбележува 29 години постоење

На платото пред Министерството за одбрана и Генералштабот на Армијата во Скопје денеска ќе биде одбележан Денот на Армијата на Република Северна Македонија. Свеченоста ќе се реализира согласно протоколот на Комисијата за заштита од заразни болести за одбележување државни празници.

Од Генералштабот на Армијата информираа дека обраќање ќе имаат претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант Стево Пендаровски, министерката за одбрана Радмила Шекеринска и началникот на ГШ, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Согласно сценариото, во рамки на свеченоста ќе бидат доделени одликувања и признанија на единици од Армијата и соработници кои придонесуваат за развојот на одбраната. Претседателот Пендаровски ќе врачи Орден за воени заслуги и Повелби на Република Северна Македонија, додека министерката Шекеринска и началникот Ѓурчиновски ќе доделат признанија на претставници од институции со кои соработува Армијата.

На свеченоста, командантот на Националната гарда на Вермонт, генерал-мајор Грегори Најт кој се наоѓа во неколкудневна работна посета на Република Северна Македонија, на министерката Шекеринска ќе и додели медал за истакната служба, а на генералот Ѓурчиновски медал за заслуги.

На централната свеченост ќе присуствуваат и претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев, пратеници од Собранието, министри во Владата, претставници од воено дипломатскиот кор, градоначалникот на Скопје, поранешни министри за одбрана и началници на генералштабот, армиските генерали, претставници од организации, државни институции, локални самоуправи и здруженија со кои соработува Армијата.

По повод одбележувањето на Денот на Армијата, со воени почести и полагање венци цвеќе на Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел во Скопје во 14 часот, повеќе делегации ќе им оддадат почит на поранешните претседателите и врховни команданти на Армијата, Борис Трајковски, Киро Глигоров и на гробот на генерал Михаило Апостолски, како и на спомен обележјето на загинатите бранители во кругот на Министерството за одбрана и Генералштабот во 9 часот.

За роденден на Армијата е избран 18 август, денот кога во 1943 година на Славеј Планина бил формиран баталјонот „Мирче Ацев”, кој се смета за првата организирана воена формација  на НОВ на  Македонија. Процесот за формирање на современата македонска армија, пак, започна во 1992 година, кога тогашниот претседател Киро Глигоров, со раководството на ЈНА го потпиша договорот за дислокација на федералната армија од територијата на Република Македонија.

Македонската Армија денес заедно со армиите на уште 29 земји е составен дел од најголемиот колективнен безбедносен систем откако Република Северна Македоонија во март минатата година стана 30 полноправна членка на НАТО.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1