ММС

Објавено на: 08/17/21 7:06 PM

(ВИДЕО) Aбрахам пристигна кај Мурињо во Рим

Доаѓањето на Томас Тухел на кормилото на сега веќе европскиот првак Челзи, го „фрли“ во втор план младиот англиски напаѓач со нигериско потекло, а пристигнувањето на Ромелу Лукаку за 115 милиони евра од Интер значеше и дефинитивно окончување на кариерата на Тами Абрахам во клубот од Лондон.

Долгоногиот шпиц од академијата на Челзи, денес и официјално потпиша договор со италијанска Рома кој ќе го задржи на „Олимпико“ до 30 јуни, 2026 година. Римјаните на „сините“ ќе им исплатат 40 милиони евра без бонуси, а Челзи ќе добие финансиски средства од потенцијално идно продавање на Абрахам, објавија од екипата од италијанската престолнина.

Според медиумите во Италија, Челзи исто така вметнал buy-back клаузула во договорот на Абрахам, што би значело дека доколку се решат за неколку години да го купат од Рома (слично како ситуацијата со Лукаку), ќе треба да искешираат 80 милиони евра. Дваесет и тригодишниот фудбалер ќе го носи бројот девет на грбот.

-Можеш да почувствуваш кога некој клуб те сака навистина и Рома го покажа тоа во истиот момент. Рома е клуб што заслужува да се бори за трофеи и титули. Јас имав искуство со освојување на пехари и сакам да бидам дел од тие натпреварувања повторно и да му помогнам на клубот да ги оствари своите цели. Огромна е честа да се носи бројот девет, изјави Абрахам за клупскиот веб-сајт.

Новиот тренер на Рома, Жозе Мурињо, го идентификувал Абрахам како главна трансфер цел ова лето, а поранешниот тренер на Челзи, Интер, Тотенхем, Манчестер Јунајтед и Порто, не можеше да го сокрие задоволството и веднаш го прифати „во прегратки“ довчерашниот премиерлигаш.

 

Тами Абрахам се очекува дебито за „римската волчица“ да го има уште викендов, во првото коло на тешкото гостување во Фиорентина.

 

 

Фото:

Twitter


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1