ММС

Објавено на: 08/17/21 4:50 PM

Шефот на руската дипломатија, Лавров, ги поздрави „охрабрувачките сигнали“ на талибанците

Русија ги гледа „охрабрувачките сигнали“ кај талибанците, но нема да брза да ги признае како легитимна власт на Авганистан, изјави денес рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, јавува Агенција Анадолија (АА).

Говорејќи на прес-конференција во Калининград, Лавров рече дека подготвеноста на талибанското движење да формира инклузивна влада е охрабрувачка порака.

„Не брзаме да ги признаеме (талибанците), исто како и сите други земји“, рече Лавров, додавајќи:

„Разговарав вчера со кинескиот министер за надворешни работи, ги имаме истите гледишта и гледаме охрабрувачки сигнали од талибанците, како што е нивната желба да имаат влада со учество на други политички сили, овозможување образование за девојчињата и функционирање на државниот апарат воопшто, без препреки за оние што работеле под претходната влада на претседателот Ашраф Гани“, изјави рускиот шеф на дипломатијата.

Тој ја пофали исто така и способноста на талибанците ефикасно да обезбедат ред и мир на улиците на Кабул, главниот град на Авганистан.

„Го поддржуваме почетокот на сеопфатен дијалог со учество на сите политички и етнички групи на Авганистан“, изјави Лавров.

Талибанците го зазедоа Авганистан откако во неделата ја презедоа контролата врз главниот град Кабул и сега се наоѓаат во процес на воспоставување влада.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1