ММС

Објавено на: 08/17/21 3:23 PM

До недела ќе стигнат 450 Авганистанци во Македонија

“Во овој момент Владата има преземено обврска за прифаќање на 450 граѓани од локално населените од Авганистан и тоа вработени и жени и деца од семејства на вработени во хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан, вклучително и на македонската армија“, соопшти македонската Влада.

Најголем дел од 450-те граѓани кои се очекува да пристигнат до крајот на неделава, зависно од околностите на аеродромот во Кабул, се координирани и организирани од страна на американската невладина организација Национален демократски институт (НДИ).

Владата донесе одлука да ги ослободи од трошоци за издавање визи сите граѓани од Авганистан кои ќе пристигнат во земјата, а трошоците за нивното сместување во неколку хотели и мотели во земјава ќе бидат во целост покриени од меѓународните организации и од САД, се до нивното заминување кон САД или до трети земји како нивна крајна дестинација.

Владата ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, на брз и ефикасен начин да ги завршуваат сите оперативни, безбедносни и административни обврски за прифаќањето на граѓаните од Авганистан и за нивно спроведување до хотелските капацитети во кои ќе бидат сместени.

“Граѓаните од Авганистан ќе пристигнат со прецизно организирани авионски летови, истите се вработени или членови на семејства на вработени на локални и меѓународни демократски мисии и воопшто не се нелегални мигранти, тие нема да бидат сместени ниту во прифатниот центар во Гази Баба, ниту во новите превентивни капацитети во Бардовци. На Северна Македонија не и се случува никаква мигрантска криза, напротив, Северна Македонија е дел од голема светска хуманитарна акција за спасување на авганистанско мирољубиво население кое е под опасност од екстремистичките талибански структури“, додадоа од Владата.

 

О.К.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1