ММС

Објавено на: 08/17/21 10:40 AM

Учениците се враќаат во училиштата, а од дома настава ќе може да следат децата со хронични болести и оние кои се во изолација

Со маски и под посебни протоколи учениците од септември ќе се вратат во училишните клупи. Министерката Мила Царовска потенцира дека од исклучителна важност за развојот на децата е годинава да почне со физичко присуство, а како што вели според искуството од претходната година, тоа нема да претставува проблем.

– Доколку има позитивен случај на коронавирус меѓу децата, епидемиолошката служба утврдува на лице место дали во изолација ќе одат неколку ученици, целото одделение или пак само ученикот. Знаете дека лани се работешесо физичко присуство од прво до трето одделение, отворени беа и сите помали подрачни училишта и немавме интерна трансмисија во ниту едно училиште.   Затоа оваа година во интерес на учениците Кризниот штаб и препорача на Владата да ја почнеме годината со физичко присуство, рече Царовска.

Исклучоци од следење настава со физичко присуство ќе има за оние деца кои се со хронични болести или имаат член во семејството со хронична болест. Тие ќе бидат ослободени и ќе можат да следат настава онлајн, а од дома настава ќе може да следат и децата кои ќе бидат во изолација.

– МОН уште од јули е подготвено за три сценарија, физичко присуство ќе има се додека состојбата дозволува, а доколку значително се влоши епидемиолошката слика тогаш сме спремни да го смениме сценариото кое ќе ни биде посочено како соодветно од Кризниот штаб, рече министерката.

Досега над 62 отсто од наставниците се вакцинирани. Одговарајќи на новинарско прашање дали тоа е доволна бројка, Царовска вели дека е задоволна од ваквиот процент, но сепак би сакала да се вакцинираат повеќе наставници, зошто како што рече значајно е да знаат дека со вакцинацијата се штитат себеси и сите околу.

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1