ММС

Објавено на: 08/17/21 7:21 AM

Новите мерки за влез и излез од земјава пред Владата, епидемиолошката состојба сé посериозна

–Владата денеска треба да одлучи дали за влез и излез од државата ќе се воведе задолжителен PCR тест, потврда за вакцина или сертификат за прележан КОВИД. Овие нови мерки нема да стапат во сила веднаш. Во меѓувреме, бројките на заразени не стивнуваат.

Според последниот биланс, регистрирани се 296 нови КОВИД случаи и осум починати лица.
Здравствените власти се задоволни од процесот на вакцинација. Сметаат дека се одвива добро, особено по најавата и воведувањето на рестриктивните мерки, но, сепак, уште еднаш порачаа дека имунизацијата е единствениот начин да се стави крај на пандемијата.

Како што соопшти вчера министерот за здравство Венко Филипче, ќе има и вакцинирање со трета доза. Овој процес ќе опфати имуно-дефицитарни лица, пациенти на кои им е извршена трансплантација и кои се на хронична дијализа.

– Процесот на вакцинација се одвива добро по најавените мерки, што е добар сигнал и верувам дека тој тренд ќе продолжи. Минатата недела имаше денови кога достигнавме бројка од 8.000 граѓани кои се пријавија да примат прва доза вакцина. Околу 50.000 вакцини се дадени претходната седмица. Опфатот на вакцинирано население изнесува околу 35 проценти. Процентот на вакцинирани граѓани над 70 години, порасна од 63 на 70. На населението над 50 години, процентот од 45 сега е речиси 50, што е добар знак за оваа категорија граѓани. Гледаме дека во градовите каде што опфатот со вакцинација е висок, на пример Охрид, Битола, Штип, нема пациенти во болниците. Досега се вакцинирани околу 4.000 деца до 18 години. Најмногу се вакцинираат повозрасните, односно 16, 17 и 18 годишни, соопшти Филипче.

Тој оцени и дека епидемиолошката состојба станува се посериозна, поради што, напомена, мерките треба максимално да се почитуваат.
-Повикувам на максимално почитување на мерките, држење дистанца, редовно водење на лична хигиена и вклучување во процесот на имунизација. Вакцините штитат од тежок тек на болеста, од смртен исход и го отежнуваат неконтролираното ширење на вирусот, рече министерот.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1