ММС

Објавено на: 08/16/21 5:18 PM

Британскиот министер Валас: НАТО и британските сили нема да се вратат во Авганистан

Британскиот министер за одбрана, Бен Валас, изјави дека прифаќа дека Авганистан е под контрола на талибанците, и порача дека силите на НАТО и на Велика Британија нема да се вратат во оваа земја, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Министерот Валас за различни медиуми во земјата се осврна на моменталната ситуација во Авганистан и процесот на евакуација на британските граѓани и Авганистанците што работат за Британците од главниот град Кабул.

На прашањето дали признаваат дека талибанците ја добиле војната, Валас рече: „Дали е победа, не знам, претпоставувам, прифаќам дека земјата е под контрола на талибанците. Не мора да бидете политички научник за да разберете каде сме ние сега.“

На прашањето дали НАТО и британските сили ќе се прегрупираат за да ја преземат контролата врз Кабул, Валас нагласи: „Не, не планираме да се вратиме назад. САД јасно дадоа до знаење дека немаат намера да останат, и нас нè оставија пред тежок избор. Бевме прилично искрени во текот на цел овој процес.“

Наведувајќи дека сè уште не е вистинското време да се одлучи дали ќе ги признаат талибанците како авганистанска влада, Валас додаде: „Мислам дека има уште многу работи да се направат пред да се донесат овие одлуки.“

На прашањето дали се промениле талибанците, Валас рече: „Не се забележуваат промени.“

– „Ја напуштивме Амбасадата, влеговме во аеродромот“ –

Потврдувајќи дека Британската амбасада во главниот град Кабул е евакуирана, Валас рече: „Тоа веќе не е амбасада, го напуштивме тоа место и влеговме на аеродромот.“

Наведувајќи дека вчера 300 лица со британски пасоши го напуштиле Авганистан, тој истакна дека Владата има за цел да евакуира уште 1.500 луѓе за 24 до 36 часа или за малку подолго.

„Ако успееме да останеме на планираното, ќе имаме капацитет да евакуираме преку 1000 луѓе дневно во Велика Британија. Во моментов не се работи за капацитетот во авионите, туку за брзината на евакуацијата.“

Валас исто така додаде дека Владата ќе стори сè за да ги извлече овие луѓе од Авганистан до 31 август.

Британското Министерство за надворешни работи им препорача на 4.000 британски државјани за кои се смета дека се во Авганистан да ја напуштат земјата.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1