ММС

Објавено на: 08/15/21 6:47 PM

Спремни сме да прифатиме цивилно население од Авганистан, порача премиерот Заев

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека Северна Македонија ги информирала САД дека стои на располагање да помогне за да се спасат животите на цивилно население од Авганистан.

-Авганистан се соочува со можна хуманитарна катастрофа и затоа ние како Влада, ги информиравме нашите стратешки партнери САД дека стоиме на располагање да помогнеме согласно нашите капацитети и потребите. Со цел да се спасат животите на локалното население, информиравме дека спремни сме да преземеме и прифатиме цивилно население од Авганистан кое изминативе 20 години работеше на мирот во таа земја, беше локална поддршка на сојузничките НАТО сили вклучително и на нашата армија, како и преземање и прифаќање активисти од демократските хуманитарни организации и од организациите за човекови права во Авганистан, се посочува во изјавата на Заев за МИА.

Како што потенцира тој, државата е подготвена да обезбеди сместување во хотели и одморалишта, а оперативата и трошоците за време на нивниот престој до обезбедување трајна дестинација, целосно би биле покриени од страна на САД.

-Ние сме солидарна земја, нашиот народ и нашето општество секогаш давале поддршка и помош, исто како што сме добивале помош при огромни катастрофи. Заеднички со САД ќе ги планираме идните чекори за натамошното постапување, посочува премиерот Заев.

Во Авганистан, во овој момент има и стотина македонски граѓани со кои е воспоставена комуникација. Тие, како што потенцира Заев, се чувствуваат безбедно, а компаниите за кои работат имаат обезбедено планови за евакуација.

-Исто така, пријателски земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Северна Македонија, нагласува Заев во изјавата за МИА.

Претходно, денеска поранешната државна секретарна на САД Медлин Олбрајт на „Твитер” им се заблагодари на Албанија, Канада, Косово и Северна Македонија што се согласиле да им дадат засолниште на жените и децата на лидерите на цивилното општество.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1