ММС

Објавено на: 08/15/21 2:31 PM

Стотина наши државјани се во Авганистан, но засега се на безбедни локации

Министерството за надворешни работи попладнево соопшти дека во Авганистан се уште има околу 100 наши државјани, но засега сите се на безбедни локации.

– Според последните информации кои ги добивме, компаниите кои ги ангажираат работниците, не се соочуваат со потешкотии и имаат резервирано сопствени летови за евакуација на нивните работници, а дел од нив веќе се префрлени во некои од соседните земји и нивниот трансфер дома не е спорен, информира МНР.

Во последните 24 часа, на дежурните телефони во МНР се јавиле неколку граѓани кои имаат роднини или пријатели во Авганистан и се интересирале за состојбата таму, но не побарале асистенција за нивно извлекување.

Од МНР нагласуваат дека будно се следи ситуацијата и дека некои држави веќе изразиле подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат опфатени и македонските државјани.

– Од вчерашната инструкција на нашата дипломатска мрежа за контакт со соодветните министерства за надворешни работи во земјите на нивно покривање, денес дел од амбасадите и конзулатите веќе се стапени во контакт и некои од пријателските земји изразија подготвеност при евентуални организирани летови за евакуација да бидат на располагање и за граѓаните на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението од МНР.

 

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1