ММС

Објавено на: 08/13/21 9:40 AM

Полициска специјална единица придружена од француски инструктори се справува со пожарот во Сарај, вели Ангелов

Офицери за врска од европскиот механизам за цивилна заштита и француски експерти за гаснење на пожар ја разгледуваат ситуацијата на терен и подготвуваат стратегија за следните денови. Во Сарај каде што пожарот е активен, полициска специјална единица придружена од француските инструктори се справуваше со огнот и ќе продолжи утре со гаснењето на пожарот, информираше директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

-Во овој момент трае работен состанок на којшто присуствуваат офицери за врска од европскиот механизам за цивилна заштита и француски експерти за гаснење на високоризични пожари. Разгледана е вчерашната состојба и договорена е стратегија за утрешниот ден и тој потоа. Во Сарај е специфично. Откако огнот првично ќе изгаси, потоа почнува да гори подземно, да гори коренот. Од тие причини 10 припадници на полициските специјални единици придружени со француските инструктори се спуштија од врвот на планината каде што гори овој пожар при дното, при што рачно ги изгасија видливите точки, рече Ангелов.

Тој додаде дека точките се тешко видливи и од хеликоптер и затоа за утре се договорени 30 припадници на полициските специјални единици со соодветна опрема, заедно со француските експерти и четири француски дронови со термални камери за откривање на оган, со цел да се пронајдат критичните точки кои го распалуваат огнот во шумата.

Како што известија од ЦУК, во општина Сарај, во Раовиќ-Буковиќ, планинската страна Осој, на непристапен терен пожарот е активен и се дејствува со два хеликоптери на армијата. Во Неготино, Демир Капија, Берово, гори сува трева и нискостеблеста шума на непристапен терен и пожарот е активен. Локализирани се пожарите во Петровец и градската депонија во Виница.

Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, уште еднаш ја искористи приликата да ги покани претставниците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, односно нивен претставник од Комисијата за одбрана и безбедност, одблизу да ја следи работата на Центарот за управување со кризи.

д.ј.

Фото:

МИА / Livestream / Screenshot


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1