ММС

Објавено на: 08/13/21 10:00 AM

„Куде е Стојанка?“ По девет дена од пожарот се’ уште е мистерија како исчезна жената

„Куде е Стојанка?“ е прашањето кое веќе  девет дена си го поставуваат жителите на селото Челопек, каде избувна голем пожар. Медиумите известија дека 60-годишната Стојанка е прва жртва во пожарот, но тело од жртвата до ден денес не е пронајдено. ММС се упати во селото Челопек и дознавме различни приказни за Стојанка, од нејзино исчезнување или заминување, до тоа дека телото е пеплосано и затоа не може да се пронајде трага.

-Е ајде де, каде е Стојанка? Цело село се чуди и не може да сфати како се’ се случи. И за Стојанка и за пожарот. Како е можно да се се случи наеднаш да изгорат куќи, покуќнина и стоката на луѓето. Стојанка два дена пред пожарот беше во нашето маало беше на гости кај комшиите, од нејзиното маало на другиод рид, дојде во нашето маало. Навистина ни е жал за се ова што ги снајде неа и Борис. Но, чудно е како не можеа ништо да најдат, да нема тело. Тоа придонесе да се плетат разни приказни, дека не изгорела, туку дека побегнала, па дека заминала во дом за стари лица, дека била во болница, дека влегла внатре по парите и ја снемува и еден куп други работи. Чудни работи. Сите зборуваат дека не е можно до толку да изгори и пепел да се стори, па да нема ни една коска останато, ни рече жител на селото и не упати по точниот пат каде до пред некој ден куќата што изгоре беше дом на Борис Димовски и Стојанка, кои веќе 15 години невенчано живееле заедно.

Собата во која се претпоставува дека бил Стојанка

Малку по асвалт, малку по црн пат дојдовме до местото каде избувна големиот пожар. Од куќата на Борис и Стојанка се останати само ѕидини. Се гледа дека со багер е копано подлабоко, кога надлежните го барале телото на изгорената жена, но ништо не е најдено. Ги затековме нивните соседи, чија куќа е изгорена, но не толку како на Борис, а ги делат само неколку метри.

-Кога тргна огнот накај нас, јас Стојанка ја видов до куќата. Тогаш Борче се стрча за да го спаси тракторот, а Стојанка беше во дворот и кога сфативме дека ќе настрадаме јас побегнав над куќите. За неа велат дека влегла во домот да земе нешто и дека не успеала да се спаси. И еве видете, се е изгорено, магарето, козата и јарињата, ни рече тажно жителка на селото.

Борис го немаше, па се обидовме да стапиме во контакт со него по телефон. Но, не одговори на нашите јавувања. Ниту на јавувањата од соседите. Некои од жителите кои ги сретнавме ни рекоа дека од Општина Старо Нагоричане, каде припага селото Челопек, му понудиле кров над глава додека да се среди неговата куќа, но тој не сакал да оди, сакал кај куќата да си остане. Кое е неговото размислување  девет дена после пожарот не успеавме да дознаеме. Освен што тој и неговиот трактор преспиваат во куќа блиску до неговата, бидејќи пријател му дал клуч за да има прибежиште.

Нашите обиди да дознаеме нешто повеќе беа неусешни, па прашањето „Куде е Стојанка“, како што велат кумановци, остана да виси.

А за да не останат само приказните од луѓето ММС се обиде и преку институциите да добие одговор на прашањето – има ли жртва во пожарот или не, односно дали Стојанка засега е единствената жртва од пожарите во Македонија? Ја бара ли некој оваа 60 годишна жена, која е по потекло од српските села зад границата, а веќе 15 години невенчано живеела со Борис во Челопек. И како таа од прва жртва во пожарот дојде до лице на листата за потраги на Министерството за внатрешни работи.

За потсетување хронолошки уште во средата попладне, пред девет дена самиот Борис рече дека кога избувнал пожарот тој излегол да го спаси тракторот, но за миг пламените јазици станале големи и тој повеќе не можел да се врати по Стојанка, која во страв и паника се заклучила во куќата. Од полицијата уште истата вечер рекоа дека не можат да потврдат ништо без пронајдено тело. Увидот започна утредента и траеше цел ден, кога огнот стивна, па можеше да се влезе во пеплосаната куќа. Градежна механизација внимателно ги дигаше остатоците од изгорените ѕидини, велеа очевидци од местото на настанот, по што надлежните екипи рачно пребарувале во внатрешноста. Цел ден во четвртокот траеше потрагата по нејзиното тело, се барало во целата околина, а во еден момент увидните екипи се досетиле да проверат да не скокнала во бунарот кој се наоѓа во дворот, но и таму не пронашле ништо, како и во шталата.

Добро упатените велат дека телото не може да изгори целосно, тоа морало да остави некаква трага, доколку било на местото кое го посочил нејзиниот вонбрачен сопруг.

Пожарникарите од Територијалната противпожарна единица Старо Нагоричане кои интервенирале на терен, велат дека никој не им кажал дека во куќата можеби има некој.

– Дејствувањето се одвивало така што немало информација дека внатре во куќата има жена се’ додека не се урнал покривот. Се’ додека траело гаснењето пожарникарите никој не ги информирал дека внатре има човек, рече Далибор Трајковски, командир на ТППЕ Старо Нагоричане.

Сега и официјално таа се води за исчезната. Откако не се пронајдени остатоци кои укажуваат на опожарено лице, распишана е потрага по жената, а по неа постапуваат надлежните од Отсекот за потраги.

-Околу случајот со исчезнатата жена од село Челопек, ве известуваме дека согласно Законот за кривична постапка, а со оглед дека станува збор за истражна постапка што е во тек, единствен надлежен за одговори на вашите прашања е Јавното обвинителство, во конкретниот случај ОЈО Куманово, по чии насоки постапува МВР. Воедно ве информираме дека, бидејќи при увидот не беа пронајдени траги или докази кои укажуваат на опожарено лице, по насока на Јавен обвинител распишана е потрага по лицето по која  веќе се постапува од страна на Отсекот за потраги при МВР, велат од министерството за ММС.

Прашање упативме и до ОЈО Куманово, од каде ни одговорија:

-Јавниот обвинител во предметот за кој покажувате интерес постапува во рамките на предистражна постапка. Во остатоците од опожарената куќа до овој момент не е пронајдено тело на починато лице. Во моментов се преземаат други дејствија за да се утврдат фактите. По настанувањето на пожарот беше приведено едно лице, но се’ уште нема докази доволни за да поткрепат основано сомнение дека тоа лице е одговорно за настанување на пожарот, одговорија за ММС.

Кругот од терен и од институциите се затвори и се’ уште остана да виси истото прашање- Каде е Стојанка? Или можеби ја бара ли некој Стојанка?

(Н.И.)-(В.М.)

Фото: Вангел Тануровски

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1