ММС

Објавено на: 08/11/21 12:41 PM

Наместо јаловишна депонија, фотоволтаици и зелена општина – Визијата на Анастасов за Пробиштип (видео)

Борбата со животната средина е нешто на кое мора да се фокусираме, а целта е Пробиштип во иднина да стане зелена општина и младите да остануваат овде во градот. Ова е визијата на градоначалникот на општината, Драган Анастасов. Прв чекор кон оваа цел е решавањето на жешката еколошка точка, јаловишната депонија, на познатиот рударски град.

Со градоначалникот Анастасов, кој е при крај на својот прв мандат, поразговаравме за состојбата во која се наоѓа општината, за реализираните проекти, но и за идните планови.

-Три години и девет месеци ја вршам најодговорната функција. Мандатот ќе го паметам по повеќе работи со оглед на пандемијата која се случи, но и по она што го наследивме – големиот долг од два буџети. Сепак смогнавме сили, добивме помош од Владата и успеавме да се раздолжиме. Советниците во изминатиот период донесоа многу важни одлуки и за тоа сакам да им се заблагодарам. Имавме одлична соработка меѓу мнозинството и опозицијата и донесувавме едногласно одлуки за најважните работи за граѓаните. Ваква одлука следи и за ДУП-от и можноста за санација за јаловишната депонија. Локалната самоуправа е доволно екипирана и можам да кажам дека сме ретка општина со повеќе градежни инженери, вели Анастасов.

На нашето прашање дали законските рамки му овозможуваат да ги реализира проектите онака како што се замислени, градоначалникот вели дека општината немала никакви проблеми со законите и иако централната власт морала да биде вклучена во некои проекти, доколку децентрализацијата оди во наредна фаза, тие се спремни.

-Пример ние во 2018 година ја добивме најголемата донација од 1.200.000 евра, 600 илјади од Владата и 600 илјади евра од словенската влада за зголемување на капацитетот на вода за пиење. Воедно овозможивме и техничка вода за користење за индустриските капацитети, а водата за пиење да ја чуваме. Во наредниот период сакаме да имаме можност на сите јавни површини, паркови, да имаме техничка вода.  Немаме проблеми со законските решенија, но доколку децентрализацијата би била во наредна фаза, ние сме спремни. Тоа е добро и за граѓаните и се надевам на повеќе средства, така би биле поекспедитивни, вели Анастасов.

Во однос на сработеното, првиот човек на Пробиштип вели дека најгорд го прави реконструкцијата на патниот правец Пробиштип-Крупиште.

-Индустријата ни е активна и ја реконструиравме главната трансверзала на Пробиштип, проект за кој 15 години се зборуваше. Тоа е најважен проект во делот на патната инфраструктура. Пробиштип урбанистички инаку е средена општина, со широки улици. До крајот на мојот мандат ќе се заврши и реконструкцијата на кино салата „Злетовски рудар“, спомен паркот „Братство и единство“, појаснува градоначалникот.

Визијата за следниот мандат, бидејќи и официјално е кандидат за градоначалник на престојните локални избори, му е борбата со животната средина, развој на Лесново и пробиштипскиот дел на Пониква.

-Општина Пробиштип е на чекор пред потпишување договор за обезбедување средства преку СБ, за сместувачки капацитети на Лесново. Планираме на старото училиште во Лесново да направиме доградба и надградба за сместување на 50 туристи. Да се развие Лесново благодарение на манастирот и да има се повеќе посетители. Во однос на Пониква, ние пред неколку месеци донесовме нов ДУП и на нашиот дел е предвидено да има 250 нови викендици, девет комерцијални парцели за хотели и мотели. Секако најважно ни е Пробиштип да стане зелена општина, а клучниот проект е санација на јаловишната депонија.  Најпрво треба да отпочне санацијата, потоа да се постават фотоволтаици, но и можност на тој простор накај населеното место Стрмош да се направи измена на ГУП и да се прошири опфатот, објаснува Анастасов.

Посебно внимание градоначалникот вели општината ќе обрне и на младите лица, кои како движечка сила треба да почнат иднината да ја гледаат во својот роден град.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1