Џерард Морено: Горд сум на моите соиграчи, но Челзи сепак е најдобриот клуб во светот
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/12/21 10:27 AM

Џерард Морено: Горд сум на моите соиграчи, но Челзи сепак е најдобриот клуб во светот

Победникот од Лигата на шампионите и победникот од Европа лига во сезоната 2020/21, вчера во Белфаст се сретнаа во дуелот од Супер Купот на УЕФА со цел да ја започнат, или заокружат претходната сезона со нов значаен трофеј.

Европскиот првак Челзи по изведувањето на пеналите го совлада Виљареал (6:5) и за првпат во ерата на Роман Абрамович го освои овој пехар. На двете екипи им припадна по едно полувреме и нешто поконкретен Челзи во судиските продолженија. Хаким Зијеш, кој подоцна доживеа повреда на рамото и мораше предвреме да ја напушти играта, после одличната акција на Каи Хаверц ја протна топката во мрежата на Серхио Асенхо во 27-та минута.

Тимот предводен од Томас Тухел во воведните 45 минути креираше шанси, а таквиот сооднос на силите во вториот дел од натпреварот се промени во целост. Преземената иницијатива на „жолтата подморница“ конечно се исплати, откако најдобриот поединец кај Шпанците, Џерард Морено, одлично го следеше движењето на Булај Диа и го израмни резултатот на 15 минути до истекот на дуелот.

Продолженијата не беа среќни ниту за еден тим и резултатот на семафорот остана идентичен. По 120 минути, Челзи и Виљареал за втора, односно прва ваква титула во историјата одлучуваа во пенал-рулетот.

А таму, следуваше искупување на поранешниот голман на Атлетик Билбао за 2019 година и инцидентот во финалето на Лига купот на Англија, кога пред пеналите со Манчестер Сити, Кепа Аризабалага не ги послуша наредбите на тренерот Маурисио Сари, оставајќи го Вили Кабаљеро покрај аут линијата. Вчера во Белфаст, германскиот стратег го замени Едуар Менди пред последниот свиреж на судијата и тој потег се покажа фудбалско-пророчки.

Кепа одбрани два удари од 11 метри, а оној седмиот во серијата на Раул Албиол значеше и победа на „сините“ од Лондон и 18-ти трофеј во последните 18 години.

Напаѓачот на „црвената фурија“ и Виљареал, Џерард Морено, изјави дека воопшто не жали за вчерашниот пораз и е горд на своите соиграчи, земајќи предвид со каков опонент се соочиле, за него, најдобар во светот.

-Ние се натпреваруваме со најдобрите. Челзи беа фаворите. Не знам која е разликата во буџетот, но за мене тие се најдобар тим на светот, рече Морено.

Сезоната во шпанска Примера и Премиер Лига започнува викендов. Виљареал во понеделник ќе се соочи со Гранада на домашен терен, а на домашен терен и Челзи ќе ја започне кампањата против лондонскиот Кристал Палас.

 

 

 

д.ј

Фото:

Twitter

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7