Смртта на Сабина е голема загуба за македонската драмска, филмска и културна сцена - Државниот врв се прости од актерката Сабина Ајрула -Тозија
ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/11/21 3:00 PM

Смртта на Сабина е голема загуба за македонската драмска, филмска и културна сцена – Државниот врв се прости од актерката Сабина Ајрула -Тозија

Претседателот Стево Пендаровски, премиерот Зоран Заев и министерката за култура Ирена Стефоска, преку социјалната мрежа „Фејсбук“, изразија жалење и сочуство за смртта на актерката Сабина Ајрула Тозија.

Претседателот Пендаровски на својот профил истакна дека смртта на Сабина е голема загуба за македонската драмска, филмска и културна сцена, но, дека споменот за неа ќе продолжи да живее меѓу публиката, драмските уметници, режисери и продуценти.

-Ми беше голема чест што Сабина ја прифати мојата покана да биде член на Комисијата за одликувања и признанија на Претседателот на Република Северна Македонија. Нека почива во мир, напиша тој.

Според премиерот Заев, Сабина заслужува вечен аплауз и длабок поклон за нејзиниот артистички оган со кој им вдахна животворен дух на стотина театарски, филмски и телевизиски ликови, кои засекогаш ќе бидат запаметени.

-Со огромно жалење ја примив веста за заминувањето на една од нашите најпознати актерки и доајен на театарската уметност во земјава. Сабина Ајрула Тозија си замина од сцената, оставајќи маркантни траги на театарската сцена кои се инспирација за сите генерации после неа, стои во објавата.

И министерката за култура изрази жалење, со потсетување дека Сабина е ретка ѕвезда на нашите простори која има стигнато до грандиозните турски продукции.

Актерката Сабина Ајрула Тозија е родена во Скопје на 17 април 1946 година. Почина вчера на 75- годишна возраст.

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7