ММС

Објавено на: 08/11/21 9:33 AM

Талибанците воспоставија контрола врз девет провинции во Авганистан

Градот Фејзабад, центарот на покраината Бадакшан, на североисток од Авганистан, на границата со Таџикистан, Кина и Пакистан, помина под контрола на Талибанците, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Заменикот на Покраинскиот совет на Бадахшан, Хаџетулах Хирадманд, во изјавата за медиумите рече дека пред околу две недели милитантите извршиле напад врз градот Фејзабад, центарот на покраината.

Истакнувајќи дека нападот бил одбиен трипати, Хирадманд рече дека синоќа безбедносните сили се повлекле од покраинскиот центар.

Хирадманд додаде дека Талибанците целосно го презеле центарот на градот под нивна контрола.

Од друга страна, вчера исто така центрите на покраината Баглан на северот од земјата и Фарах на западот се заземени од страна на Талибанците.

– Претседателот Гани се наоѓа на северот, заедно со политичките лидери

Откако покраинските центри на северот на Авганистан влегоа под контрола на Талибанците, претседателот Ашраф Гани замина во градот Мезар-и Шериф, центарот на северната покраина Бел, заедно со политичките лидери Рашид Достум, Мухамед Мухакик и Џума Кан Хамдард.

Во изјавата дадена од Гувернерството на Белх се истакнува дека претседателот Гани одржал безбедносен состанок со политичките лидери и локалните претставници на Белх.

Исто така, се додава дека е разговарано за безбедносни прашања на северот на земјата.

Од друга страна, Хабибурахман Кујаш, одговорен за односи со јавноста на Рашид Достум, наведе дека била планирана сеопфатна операција во северните и североисточните покраини кои се под контрола на Талибанците.

– Талибан се насочи кон северните покраини

По одлуката на САД да ги повлече своите воени сили од Авганистан, Талибанците, чии напади го достигнаа својот врв, една по една ги заземаат центрите на северните покраини кои обезбедуваат врска на земјата со Централна Азија.

Според Договорот од Доха потпишан меѓу САД и Талибанците, Талибанците истакнаа дека нема да ги нападнат покраинските центри пред последниот датум на повлекување на силите на НАТО, 11 септември 2021 година.

Но, Талибанците се насочија кон покраинските центри, а како причина ги наведоа американските воздушни напади.

Во последните шест дена, Талибанците од авганистанските владини сили зедоа вкупно 9 покраински центри, еден на југозапад, еден на запад и седум на север и североисток од земјата.

Авганистанската Влада сѐ уште контролира 25 од 34 покраински центри.

Едно од првите дејствија на Талибанците во областите кои ги зазедоа е ослободување на сите затвореници.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1