ММС

Објавено на: 08/10/21 3:02 PM

Во КПИ Идризово нема да се гради дополнителен капацитет на прифатилиште, велат од ЈП Лајка

Јавното претпријатие за благосостојба на бездомни животни Лајка реагира и ги отфрла обвинувањата од група граѓани по објавувањето на информацијата од страна на надлежните од Општина Гази Баба, дека во КПИ Идризово ќе се гради дополнителен капацитет на прифатилиштето, кое што е претставено како обид за затворање и мачење на бездомните кучиња.

„Потенцираме дека ваквото вадење од контекст е само на штета на бездомните животни и во корист на тенденциозно креирање на негативен ПР за претпријатието кое работи согласно закон. Би сакале да ја информираме јавноста дека станува збор за предлог-проект, со идеја да се обезбеди дополнително нов капацитет на одделот за вдомување на кучиња. Со оглед на тоа што сме единствено прифатилиште во Скопје, капацитетот на Лајка е недоволен да згрижи поголем број на бездомни кучиња. Па така, со реализација на овој проект, очекуваме здравите единки за кои се потрошени средства и кои се подготвени за дом, да можат да бидат згрижени и безбедни додека им се бара дом. Односно кучињата кои имаат непредвидливо однесување за околината, кучињата кои се жртви на мачење и борби, кучињата со видлив хендикеп, кучињата кои се од голем раст и предизвикуваат страв кај населението, кучињата кои имаат купирани уши и нема можност да се обележат со ушна маркица, како и оние кои имале сопственик и биле напуштени, а не би се снашле на улица по третманот, ќе бидат неограничено згрижени во новиот дополнителен капацитет“, стои во реакцијата на ЈП Лајка.

Од таму потенцираат дека се соочуваат со навистина сериозна бројка од горенаведените категории на бездомни кучиња кај кои процесот за вдомување оди навистина бавно, па затоа ова претставува  идеално решение согласно стандардите за благосостојба.

„Би сакале уште еднаш да појасниме дека заловените кучиња откако ќе се донесат во Лајка поминувааат хуман третман кој подразбира: стерилизација/кастрација, тестирање од заразни болести и лишманија по акредитирана метода-лишманијоза, лекување, прочистување од надворешни и внатрешни паразити, вакцинирање против беснило и заразни болести и микрочипирање“, стои во реакцијата на ЈП Лајка.

ЈП Лајка истакнуваат дека од самото свое основање работи на подигнување на свеста за вдомување на бездомните кучиња и градење на култура за одговорно сопствеништво, со цел да им обезбеди подобар живот од оној којшто го имале на улиците низ Скопје.

„Оттука, идејата е кучињата не само да се третираат и повторно за кратко време да се вратат назад во суровиот свет, каде многу несовесни граѓани лошо ги третирале, туку да им се најде убав и топол дом, каде ќе бидат чувани со многу љубов, грижа и внимание. Ова е веќе пракса во многу европски земји, меѓу кои и Германија, каде што бездомните кучиња не се враќаат назад на улиците, туку имаат неограничен престој во прифтилиштата. Концептот на проектот не е само грижата за благосостојбата на бездомните кучиња, туку да се подобри и процесот на ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица, согласно Законот за пробација, со извршување на општокорисна работа. Со насоки на вработени од ЈП Лајка, осудените лица ќе бидат вклучени во секојдневен третман на кучињата кои ќе бидат на листа за вдомување, што подразбира: хранење, прошетки на отворен простор, учење да одат на поводник, но и нивна социјализација, како исклучителнo важен сегмент пред да бидат вдомени во ново семејство“, стои во реакцијата на ЈП Лајка.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1