ММС
Банер за Супер7

Објавено на: 08/10/21 9:53 AM

Наместо да навредувате, пратете некој од ВМРО-ДПМНЕ да помогне, рече Ангелов, директорот на ЦУК

Според податоците на ЦУК до осум часот утринава, шест пожари во државата сè уште се активни, а исто толку се локализирани.

Пожарот во село Будинарци е делумно ставен под контрола, но се води како активен. Таму дејствуваат припадници на АРМ и меѓународни сили, помогнати од локалното население.

-Од утринава таму дејствуваат припадници на АРМ и еден хеликоптер, меѓународните сили од Бугарија, Австрија и Словенија, од Дирекција за заштита и спасување, МВР, локално население, изјави Марија Милкова од Центарот за управување со кризи.

Пожарот во општина Сарај, поточно во местата Раовиќ-Буковиќ-Ласкрци, исто така е делумно под контрола, но активен. Од ЦУК велат дека во моментов пожарот е тивок и нема опасност да се прошири кон ловиштето Јасен, од каде што имаат 24-часовни дежурства.

Околу шест пожари се изгаснати и локализирани, а од ЦУК се надеваат дека во периодот од 11 часот до 16 часот, кога најмногу се разгорува огнот поради ветерот и топлината, ситуацијата ќе остане непроменета.

-Во Делчево, Нов Истевник, Ранковце, Битола, Старо Нагориачен, Прилер (Плетвар, Дрен и Смолани), пожарите се локализирани. Да се надеваме дека временските услови ќе одат во наш прилог, но кохезијата на силите од терен од нашата земја, Австрија, Словенија, Бугарија, дејствуваат со проверени методи, дополнуваат од ЦУК.

Во однос на меѓународната помош во справување со пожарите, од ЦУК информираат дека од Австрија се пристигнати и активно учествуваат во борбата со огнената стихија 130 лица, кои во моментов се распоредени во селото Будинарци и околината, од Словенија 48 лица и од Бугарија 25 лица кои делуваат не потегот кај село Разловци до село Будинарци.

На средбата со новинарите директорот Ангелов се обрати и на ВМРО-ДПМНЕ.

-Не знам од каде е таа потреба за навреди, омаловажувања и неосновани критики. Место да се навредуваме, пратете ваш човек, како што вчера побарав, нека дојде во главниот штаб, одблиску нека ја набљудува работата, можеби ќе даде некој добар предлог. Ние немам отпор, секој добар предлог даден од било кој граѓанин ќе го прифатиме. Ние немаме време за филозофирање, бидејќи секој ден гаснеме пожари. Вчера имаше 14, сега има само четири и се надеваме дека денес најмалку еден ќе биде изгаснат, а тоа е над селото Будинарци, рече Стојанче Ангелов, директорот на ЦУК.

д.ј.

Фото:

MИА / Livestream / Screenshot


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

Банер за Супер7
1x1