ММС

Објавено на: 08/9/21 8:17 PM

Групата „Поддршка за онлајн настава“ бара право на избор за следење на онлајн настава во новата учебна година

Група родители и членови на ФБ-групата за „Поддршка за онлајн настава“ испрати барање до премиерот Зоран Заев, претседателот Стево Пендаровски, министерот за здравство Венко Филипче, министерката за образование и наука Мила Царовска, Комисијата за заразни болести, Министерството за здравство и Владата на РСМ за право на избор за следење на онлајн настава за учебната 2021/2022 година.

Како што наведуваат во барањето, детално ги проучиле планот и трите можни сценарија за реализација на наставата објавени на МОН и констатирале дека во сите можни сценарија не е понуден избор за онлајн настава по барање на родител/старател за одделенијата кои би следеле настава со физичко присуство.

Групата родители и членови бараат да се донесе одлука за право на избор за следење на онлајн настава за сите ученици (вклучително и за оние од 1-4 одделение) по барање на родителот/старателот без претходни условувања, без разлика на возраст и здравствена состојба како што беше овозможено минатата година.

Тие истакнуваат дека како што повеќето училишта во Канада и САД уште минатото полугодие направиле план да им се овозможи онлајн настава на учениците за учебната 2021/2022 година по барање на родителот, исто такво право да има и кај нас како што беше и минатата година.

-Физичкиот престој во училиште под маски, и каква било физичка дистанца во преполни училници е средина која не ги овозможува ефектите кои вие ги очекувате. Таквата средина е стресна, неизвесна, не е поволна за развој, социјализација и едукација на учениците. Напротив, таквата средина го овозможува натаможното ширење на вирусот, се наведува во барањето.

М.П.Н.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1