ММС

Објавено на: 08/9/21 11:01 AM

ЦУК го промовираше НИКС – посебен систем за командување во итни ситуации

Центарот за управување со кризи денес го промовираше посебниот систем за командување во итни ситуации – НИКС. Следната генерација за систем на командување (НИКС), ги дигитализира сите податоци од терен и помага на главниот штаб во носењето на квалитетни одлуки, изјави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов.

-Системот којшто го развива ЦУК се вика НИКС, односно посебен систем за командување во итни ситуации. НИКС ги дигитализира сите податоци од терен и ги прикажува во централата каде што раководи главниот штаб. Следната генерација за систем на командување, просторно ја прикажува ситуацијата на терен, на едно место, на екран се гледаат сите податоци. Каде има активен пожар, каков е интензитетот на пожарот, каде има изгаснат пожар, каде има можност за повторно реактивирање, вели Ангелов.

Директорот на ЦУК додава дека новиот систем ќе му помогне во голема мера на главниот штаб да носи квалитетни одлуки и да ја подобри координацијата со силите на терен. Дополнително, тој најави дека во среда подетално јавноста ќе се запознае со овој систем.

Во однос на ситуацијата со пожарите на терен, Марија Милкова од ЦУК изјави дека пожарот во пехчевскиот регион, во село Будинарци, сè уште не е изгаснат, додека пак пожарот во делчевскиот регион засега е под контрола.

-Пожарот во делчевскиот регион, село Разловци-Нов Иственик ставен е под контрола, но не е целосно изгаснат. Локалното население го следи пожарот за да не дојде до повторно разгорување. Од друга страна, пожарот во пехчевскиот регион, село Будинарци, сè уште е активен. Ангажирани се повеќе вработени, од ЕВН, од шумските стопанства, локално население, силите на терен од Словенија, Австрија и АРМ со 40 војници. Таму има и еден хеликоптер. Во Будинарци гори висококвалитетна борова шума и тоа горе на непристапен терен, рече Милкова.

Таа ја искористи и приликата да се заблагодари на помошта и поддршката од Република Бугарија, чии сили денес се враќаат во својата земја, а први пристигнале во најкритичните моменти и ставиле на располагање голем број на ресурси.

 

 

д.ј.

 

Фото:

Screenshot / MIA livestream


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1