ММС

Објавено на: 08/8/21 11:11 AM

Филипче: Повеќе од половината заболени во Тетово биле на свадби и забави, 10% биле целосно вакцинирани

Делта сојот најмногу се шири меѓу невакцинираните, изјави денеска Министерот за здравство Венко Филипче, додавајќи дека бројот на хоспитализирани лица со ковид-19 во изминатите денови се зголемил на 150, при што ситуацијата е најсериозна во Тетово. Од хоспитализираните пациенти, помалку од десет отсто се целосно вакцинирани, но се во релативно добра здравствена состојба.
„Освен Тетово, бројот на новозаразени е во голем пораст и во Скопје и Гостивар, а во последните денови пораст има и во Куманово, Кичево, Кавадарци и Струмица, но таму нема притисок врз болниците. Вирусот најмногу се шири меѓу невакцинираните. Вакцините се ефективни, иако нешто помалку против делта сојот“, додаде Филипче.
„Се наоѓаме на почетокот на еден нов бран и тоа се случува секаде во регионот. На тоа укажуваат бројките на новозаразени, кои растат како кај нас, така и во земјите од соседството. Тоа се одразува и на болниците. Во моментов, Тетово е најкритичниот град, каде што има голем број приеми во Инфективното одделение и во модуларната болница. Веќе се хоспитализирани околу 45 пациенти. Договорено е, ако има потреба, дел од пациентите да бидат префрлени на Инфективната клиника во Скопје“, изјави Филипче.
Тој вели дека делта сојот сега е доминантен и во Македонија, ако и во регионот и Еврепа.
Владата вчера усвои нови рестриктивни мерки, кои ќе бидат на сила од 16 август. Ќе се забранат свадби и прослави во угостителските објекти во затворено, за влез на настани ќе се бара потврда за имунизација, а рестораните и кафулињата ќе смеат да работат само на летните тераси.
Филипче смета дека тие не се воведуваат доцна.
„Имаме доволно вакцини, околу 400.000 дози од ‘Синовак‘, ‘АстраЗенека‘ и ‘Фајзер‘ и во наредните недели ќе стигаат уште“, рече Филипче и повика на масовна вакцинација.
Според вчерашните бројки, активни се 1.618 болни, најмногу се во Тетово 486 и во Скопје 474, а болни има уште во 23 градови низ земјава.


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1