ММС

Објавено на: 08/6/21 3:05 PM

Пресуши Луда Мара, рибите умираат, насадите се сушат – Нема вода за наводнување на земјоделски површини во Кавадаречко

Повеќе лозови насади и други земјоделски површини во кавадаречко веќе подолг период се без вода за наводнување. Пресуши и реката Луда Мара, која минува низ Ваташа и Кавадарци. Граѓаните велат дека и минатите години имало вакви сушни периоди, но вода имало за наводнување, а и живиот свет во реката никогаш не бил загрозен до степен, како годинава. Веќе во реката се регистрира помор на рибите, а повеќе насади се исушени.

Од здружението „Тиквешки лозаро овоштари бараат проблемите со водата за наводнување да се решаваат на локално ниво, бидејќи,  цели региони се  без вода поради решавањето на проблемите на централно ниво. Претседателот на здружението Дане Јошев смета дека годинава поради сушата ќе има значително намален род на грозје.

– Овој канал за наводнување во близина на Кавадарци е сув, делумно неисчистен. На многу места е неопходно да се интервенира, да се поправат пумпи, да се постават каналски мрежи. Недостасуваат водари и резервни делови, а и покрај тоа што нема доволно вода, водарината е скапа за наши услови, рече  на прес-конференција претседателот на здружението, Дане Јошев.

Тој нагласи дека до сега во неколку наврати барале од МЗШВ да се обезбеди доволно вода за наводнување, а од министерството добиле одговор дека биле предвидени инвестиции од 141.720.000 денари за редовно одржување на мрежата за наводнување, но и покрај тоа најверојатно поради дефект, голем дел од кавадаречкото поле е жедно за вода, подолго од две недели.

Земјоделците со кои разговаравме информираа дека се обраќале за помош до водостопанство „Тиквеш“  Кавадарци, но не добиле никаков конкретен одговор зошто нема вода во каналската мрежа.

Ангел Данов


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1