ММС

Објавено на: 08/6/21 8:14 AM

Три помали пожари на отворено во Гостиварско

Три помали пожари во шумски предел се регистрирани вчера попладне во гостиварскиот регион. Според информацијата на Центарот за управување со кризи (ЦУК), во општина Гостивар до 16:30 часот вчера биле пријавени шумски пожари во село Куново. Таму на терен е екипа на ШС „Шар” Гостивар, а известена се и пожарникарите од ТППЕ Гостивар.

Исто така, вчера попладне околу 16 часот повторно е активиран пожарот кај селото Пожаране, односно во атарот на соседното село Врањовце. За појавата известени се ЈП Национални шуми Шар Гостивар и ТППЕ Гостивар.

Од гостиварската подружница на „Национални шуми” информираат дека состојбите во регионот со кој управуваат засега е под контрола. Вработените се максимално мобилизирани за да се делува превентивно.

– Патрола составена од шумочувари и полициски службеници го контролира почитувањето на забраната за движење во шума. Деновиве ангажирана е дежурна екипа која е постојано на терен со специјално возило и опрема. Имавме интервенции од помал обем и спречивме ширење на огна на три локации. Засега имаме соработка и поддршка од месното население, изјави за МИА Милорад Андриески директор на ПС „Шар” Гостивар.

Тој појасни дека во атарот на селото Куново била зафатена шума во приватен имот и огнот бил локализиран уште вчера. Во атарот на селото Врањовце горела шума во близина на каналот „Шарски води”. Третата интервенција била на патот кон селото Печково, каде во два наврати било делувано на помала површина.

 

Фото: Илустрација / Архива

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1