ММС

Објавено на: 08/17/21 7:00 PM

Сега сфатив што значи „жена, мајка, кралица“ – Со водителката Марија Главчева за животот во Америка и мајчинство

Марија Главчева девојката која долго време ги красеше ТВ екраните си замина од Македонија и во Чикаго го живее американскиот сон. Од својата професија не се откажа, па и оттаму продолжи со новинарството. Марија денес е среќна мајка и сопруга која ужива во секој миг со своето семејство. Во разговор за ММС, Главчева раскажа зошто ја одбра токму Америка, како се справи со пандемијата, што и недостасува, колку ја смени мајчинството и дали планира повторно да се врати во својата татковина.

-Јас сум девојка која што сака предизвици. Америка ми беше желба, шанса и можност да направам нешто повеќе од она што го имам. Мојата жед за што поголем успех никогаш не престанува, така што Македонија стана мала за моите амбиции и решив да си го следам инстинктот и да го остварам сонот. Сакав да живеам во Америка, земјата на сонувачите, како што некои ја нарекуваат, вели Марија која моментално целосно е посветена кон нејзиниот седумесечен син, но остана достојна и на својата професија.

– Моето работно време започнува од кога ќе отворам очи, а завршува кога ќе затворам. Сакам да кажам дека сум мајка со полно работно време. Мартин е само 7 месеци и целосно сум му посветена нему. Пред пандемијата, и пред светот да застане, јас и уште неколку девојки ентузијасти го основавме првиот македонски магазин ,,Macedonian Social’’, кој што се издаваше овде во Чикаго, на македонски јазик. Издадовме неколку броја, успешно тргна работата, но се случи Ковид и проектот го паузиравме. Имам некои планови за што понатаму, но се во свое време, откри нашата поранешна водителка.

Да се сврти нова страница во животот не е толку тешко, но да се замине од својата татковина има голема тежина во душата. За среќа Марија својата празнина успева да ја надопонува со нашите иселеници кои живеат и работат во Чикаго.

– Со оглед на тоа што имаме голема македонска заедница овде во Чикаго, не можам да кажам дека нешто посебно ми недостасува. За бројни наши празници организираме настани во македонската црква во околината на Чикаго, многу се дружиме, така што од страна на социјален живот не можам да се пожалам. Што се однесува на храната, овде ги има скоро сите наши продукти. Значи освен семејството ништо посебно не ми недостасува од Македонија, рече Марија.

Марија, како и сите мајки, вели дека мајчинството ја сменило и дури сега сватила што значи да се биде мајка.

-Сега гледам што значи изреката: ,,Жена, мајка, кралица ‘’. Нема поубава улога од тоа да се биде мајка. Од корен ми се смени животот, ми се разбудија сите сетила и чувства кои не знаев дека ги имам пред да го родам Мартин, рече таа.

 

Минатата година за светот беше најлошата година, но за Марија Главчева е најубавата токму поради Мартин, кој е круна на љубовта со нејзиниот сопруг Ивица. Таа и нејзиниот сопруг најубавиот момент го доживуваа без помошта од своите најблиски.

– Сосема зрело и свесно влегов во светот на родители. Колку и да мислиш дека си подготвен за улогата на родител, самото дете те созрева и покажува како треба. Немав и немам никаков страв од тоа како да го растам и воспитувам Мартин. Со Ивица сме си 100% поддршка и помош, тим од соништата, вели искрено Марија.

Таа се надева дека пандмијата е зад нас и дека најлошто помина но и од оваа ситуација вели дека  научила многу важни работи.

-Научив дека животот е непредвидлив. Научив да не си земаме се здраво за готово, научив дека здравјето и внатрешниот мир се најважни. Сватив дека среќата прво доаѓа одвнатре па се шири наоколу. Што зрачиш, тоа привлекуваш, додава таа.

Марија, како и секоја мајка сака Мартин да има безгрижно детство исполнето со љубов и одгледано со вистински вредности.

– Ќе се потрудам максимално да го воспитувам Мартин на реални вредности. Да си ја сака и почитува фамилијата, да биде вреден, чесен и добар човек. Да помага, да знае да се бори праведно за она што го сака и никогаш да не се откажува од сонот, рече Главчева, а дали планира повторно да се врати во својата татковина на крајот додаде:

-Никогаш не вели никогаш, но да бидам реална, не сакам и не планирам да се вратам и да живеам во Македонија. Да доаѓам да си ги видам најблиските роднини и пријатели, тоа да, но повторна преселба назад не би требала да се случи во блиска иднина, рече таа.

Весна Петровска

 


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1