ММС

Објавено на: 08/4/21 4:02 PM

Реактивиран пожарот кај село Девич

Пожарот што пред два дена избувна кај село Девич, Бродско и беше локализиран, денеска се реактивира. Повторно пламените јазици се доближуваат до селото и во моментов огнот е на четириесетина метри од првите селски куќи.

Според градоначалникот на Општина Македонски Брод, Живко Сиљаноски, се прават напори за ангажирање повеќе работна сила и опрема за соодветно да се дејствува.

-Опожарена е површина поголема од пет хектари, а во пожарот гори ситно стеблеста и деградирана шума, смрека и други ситни растенија. Поради ветерот, огнот се повеќе се доближува до првите куќи и моментно е на 30 – 40 метри од селото, што претставува сериозна закана дел од селските куќи да бидат зафатени, изјави Сиљаноски.

Тој побара помош од полицијата и механизација од Територијалната противпожарна единица од Битола.

-За да го спасиме Девич и да го локализираме пожарот, на помош пристигнаа 30 припадници од единицата за брзо распоредување ЕБРД на МВР, кои се опремени со мешини полни со вода, а во текот на денот очекуваме од Битола да пристигнат и две противпожарни возила кои заедно со нашето ќе се обидат да ја намалат опасноста. И во ноќните часови состојбата на терен будно ќе се следи, ќе бидат присутни припадници на Шумското стопанство и други лица кои ќе бидат вклучени во гасењето и превенцијата, додаде градоначалникот.

 

МИА


Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со Услови за преземање.

1x1